Се конституираше новиот состав на Советот на Општина Кавадарци
Советот на општина Кавадарци денеска ја одржа првата, конститутивна седница. Седницата ја отвори претходниот Претседател на Советот, Ристо Сакалиев, кој посака плодна и успешна работа на новиот состав на Советот. Потоа со седницата претседаваше Весна Ѓорѓиева од ВМРО-ДПМНЕ како најстар член на советот, по возраст.
Беше формирана верификациона комисија која ги потврди мандатите на новите членови на советот. Поради не споивост на две функции, носителот на советничката листа на СДСМ, д-р Диме Коцев го вратил мандатот до ОИК, а на негово место во советот влезе Даниела Ивановска од коалицијата предводена од СДСМ.
Едногласно советниците го усвоија презентираниот извештај и одлуката за верификација на мандатите. Потоа советниците дадоа свечена изјава. Дел од членовите на советот при давањето изјава не ја изговорија придавката Северна, по што следеше процедурална забелешка од Вуко Мелов, советник од СДСМ.
-Не е коректно од претседавачот со седницата, да не ја чита изјавата како што е напишана – рече Мелов.
На ова реплицираше советникот Круме Богевски од Левица кој посочи дека во статутот и деловникот за работа на советот стои името Република Македонија, по што советниците уште еднаш дадоа изјава.
На денешната седница беше формирана и комисија за мандатни прашања, избори и именувања за чиј претседател е назначен советникот Перо Николов од ВМРО-ДПМНЕ. Оваа комисија ги разгледа пристигнатите предлози за претседател на советот. Д-р Стојанчо Рамов беше предлог на ВМРО-ДПМНЕ, а Валентина Бањанска предпог на СДСМ.
Со 10 гласа „За“ и 2 „воздржани“ за претседател на советот беше избран д-р Стојанчо Рамов. За Бањанска гласаа 7 советници.
Д-р Рамов се заблагодари за довербата и вети дека во следните четири години ќе се почувствува духот на демократијата во советот.
-Ќе работиме да нема наметнување на волјата на мнозинството над малцинството. Немам намера советот да биде затворен круг, туку ќе го заземе местото кое го заслужува. Ќе биде коректив и од голема помош. Како што ветивме, ќе ги реализираме сите проекти во интерес на сите граѓани, рече д-р Рамов и ги повика советниците да работата заедно, чесно и конструктивно.
Градоначалникот Митко Јанчев им го честита мандатот на новите советници, а се заблагодари на претходниот совет за соработката. Посочи дека во претходниот мандат беа донесени 1700 одлуки. Јанчев ги повика советниците да работат во интерес на граѓаните, да нема гнев, омраза и омаловажување, бидејќи, како што истакна, со тоа се стигнува само до дното.
Aнгел Данов