Се распаѓа стара куќа над комплекс Варналиите – велешани кои живеат таму стравуваат за своите животи и ја прозиваат општината (фото)

Објавено: 27 јануари, 2026, во 11:26 часот

Оваа стара куќа во Велес се наоѓа на улица „Благој Осмов“ и го има бројот 16. Од комплексот куќи во месноста Варналиите воздушно е оддалечена не повеќе од 100 метри. Таа е само една од десетината стари индивидуални градби во Велес кои оставени сами на себе се опасност за велешани кои живеат во нивна близина. На постојано паѓање на делови од фасадата на оваа куќа се жалат граѓани кои живеат освен на улица „Благој Осмов“ исто така и од улицата „Славјанска“. Тие и нивните деца секојдневно минат во тесниот сокак, под самата куќа и сметаат дека се изложени на опасност по животот бидејќи од фасадата и покривот постојано паѓаат помали и поголеми парчиња стар градежен материјал.

-Оваа куќа е над децениски нерешен проблем за нас, жителите на двете улици. Особено за нашите деца. Ние секојдневно минеме под куќата. Постои можност таа да ни се урне врз глава. До сега  незнам колку пати само јас сум го пријавувал овој проблем во општината. Нема никаква реакција. Службите не превзедоа ништо затоа одлучивме да побараме помош од медиумите, рече сопственик на соседна куќа.

-Секој ден се прашуваме уште колку можат да го издржат товарот на негрижата овие стари греди кои што го потпираат катот на куќата или балконот. Од приземјето на куќата паѓаат камењата со кои се изградени надворешните ѕидови. Ако се урне дел од куќата ќе ги затрупа не само случајните минувачи туку и семејствата кои живеат во најмалку  две соседни куќи, додаде друг жител на улицата.

-Оваа улица води до црквата „Свети Ѓоргија“ или првото училиште во Велес и во Македонија, на Јордан Хаџи Константинов Џинот. Овде минат граѓани од цел град. Што треба да се случи за да се интервенира од страна на надлежни служби кои граѓаните ги плаќаме, рече сосед на куќата.

Ова се само дел од реакциите на граѓани кои живеат на двете улици. Сите се чудат како досега не успеале во намерата да си обезбедат безбедност и по животите и по безбедноста на имотите.

Дума.мк испрати новинарско прашање до Општина Велес и прашаше „  Што ќе превземе и кога Општина Велес за да не се остварат претпоставките на жителите на овој дел од градот, над Варналиите, дека доколку падне дел од фасадата или дел од куќата во распаѓање може врз луѓето што се движат да предизвика фатални последици по живот?“

До моментот на објавување на текстот не одговорија од општината. Тоа предизвика револт кај велешани кои живеат на улиците „Благој Осмов“ и „Славјанска“. Тие рекоа дека самоиницијативно ќе превземат мерки „за да се заштитат од несовесното однесување на општинските служби“.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.