Случајот „запалени викендици“ во село Нежилово ниту по две години нема разврска, оштетените ќе ја тужат државата

Објавено на 21 април, 2022 во 18:33
Фото: Викендицата на Зоран Апостоловски пред и после пожарот

Браќата Зоран и Горанчо Апостоловски се разочарани и гневни, на како што велат, неажурноста на органите за ред, мир и правда во државата откако по скоро две години нема епилог на случајот со нивните запалени викендици. Тие тврдат дека во постапката има докази за осомничен но полицијата и обвинителството не ги превзеле потребните мерки за расчистување на случаите и за подигнување на обвинение против пироманот или пироманите коишто го пеплосаа нивниот макотрпно печален имот во село Нежилово.

-Не се согласувам со ставот на полицијата дека е направен навремен и точен увид по палењето на мојата викендица. Куќата ми ја запалија на 21 јуни 2020 година, во вечерните часови, околу 21 40 часот и од неа остана само урнатина. Во увидната постапка исказ не е обезбеден ниту од еден сосед којшто меѓу првите стигнале до викендицата и се обиделе да го изгаснат пламенот. Исто така, не ми е јасно, зошто исказ на сведокот кој беше проверен на полиграф  не е земен во предвид. Полиграфското, да го наречам вештачење на вистинитоста на изјавата на сведокот, потврди дека тој ја зборува вистината. Тоа не беше доволно велешкото јавно обвинителство да го осомничи посоченото лице за потпалувач. Јавно прашувам зошто? Ниту по една година и 10 месеци ништо не се случи за да остварам правда, рече Зоран Апостоловски.

Фото: Викендицата на Горанчо Апостоловски пред и после пожарот

Тој и неговиот брат Горанчо Апостоловски се сомневаат во лице коешто би можело да биде потпалувач на двете викендици. Особено откако лицето се пофалило за тоа што го сторило на други лица.

-Ништо не е превземено за расветлување на мојата изгорена викендица ниту за викендицата на брат ми Горанчо Апостоловски запалена скоро еден месец подоцна. Поточно на 15 јули 2020 година. Скоро идентична беше постапката и за овој случај. Нема доволно докази, нема осомничен или осомничени, нема судски процес, нема обвинет или обвинети а има материјална штета од вкупно 55 илјади евра. Според нашите проценки толку не чинеа изградбите и опремувањето на двете викендици во село Нежилово, додаде Зоран Апостоловски.

Фото: Викендицата на Зоран Апостоловски пред и после пожарот

Дума.мк побара став од Секторот за внатрешни работи Велес до каде е истрагата и има ли осомничени лица за запалените две викендици во 2020 година на браќата Апостоловски во село Нежилово.

„Според сопствениците или оштетените истрагата тапка во место. Ако е така зошто, која е причината со оглед на големата материјална штета?“ го прашавме СВР Велес.

Од таму стигна одговор во кој пишува:

„Во врска со Вашето прашање, Ве информираме дека се преземаат мерки за расчистување на случаите. Досега, извршени се претреси во домови на неколку лица, извршени се службени разговори со неколку лица, подигнати се видео материјали од различни локации и по насоки на Јавен обвинител се преземаат мерки за расчистување на случаите.“

Вака напишаниот одговор од страна на полицијата за Зоран и Горанчо Апостоловски не значи дека по скоро две години државните органи ги превзеле потребните мерки. Тие велат дека ќе поднесат приватни тужби против непознат сторител и дека размислуваат да ја тужат државата чии што институции не им овозможувале да ја остварат правдата.

Убавка Јаневска  

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.