Службите засега се справија со првиот снег во Велес
Рано утринава падна првиот снег во Велес којшто ги побели улиците низ градот, но истиот се топи и не се очекуваат големи проблеми во одвивањето на сообраќајот на подрачјето на општината. Според информациите на Центарот за управување со кризи проодни се сите патишта во Општина Велес, Општина Градско, Општина Чашка како и патиштата коишто водат кон село Богомила и село Горно Јаболчиште.
Од Јавното претријатие „Македонија пат“ информираат дека работат приоритетно. Од рано утринава фрлени се шест или седум камиони со сол и песок на сите автопатиштата, регионалните патишта како и локалните патишта. Според нив засега нема опасност, но активно ја следат состојбатана патиштата како и временската температуа.
Во градот фрлена е првата количина сол и сите главни сообраќајници како и тротоари, патиштата што водат до сите институции, училишта, градинки и кон ЈЗУ Општа болница Велес се целосно проодни. Работниците на Јавно комунално претприајтие „Дервен“ во моментов се повторно на терен и ја истураат втората количина на сол.
Општина Велес преку соопштение им се обрати на велешани коишто се сопственици или пак корисници на деловни објекти дека во услови на снежни врнежи се должни веднаш да го исчитат снегот пред нивните објекти со цел да се обезбеди непречен пристап до нив.
„Отстранувањето на снегот од отворените јавни простори пред деловните објекти е согласно Законот за јавна чистота и доколку сопствениците или корисниците на деловните објекти не го исчистат снегот ќе бидат соодветно санкционирани“, стои во соопштението на Општина Велес.
Исто така, се апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и да ја прилагодат брзината според условите на патот. Во текот на денот се очекува временската температура да се движи до 2 степени додека во вечерните часови да се спушти до -4 степени. Поради ниските вечерни температура се апелира до граѓаните да бидат внимателни поради можна појава на голомразица.
Стефани Манева