Со четири показни вежби се одбележа денот на пожарникарите во Велес (фото)
Со уклучена сирена како знак за пожар, пожарникарите од Територијалната противпожарна единица во Велес, денеска, во Градскиот парк, изведоа четири показни вежби и го одбележаа 20 мај, денот на пожарникарите. Присутните, особено децата, имаа можност да видат како пожарникарите се спуштаат и рипаат од височина, спасуваат повредени луѓе со скала и спасуваат со спусница од височина.
Командирот на ТТПЕ, Димче Јованов, рече дека во територијалната пожарна единица вработени се вкупно 33 пожарникари но 20 од нив учествувале во денешните показни вежби.
-Првата вежба беше рипање од височина на душек, втората вежба ни беше со самоспасувачко јаже од височина, третата вежба беше спасување на повреден од височина со скала и четвртата вежба ни беше спасување со спусница од височина. Целта на овој настан е да се внимава и пази на почетничките пожари. Во било која ситуација кога граѓаните ќе забележат некој почетен пожар, доволно е само да се јават на бројот 193 со цел ние веднаш да испаднеме на терен и да помогнеме таму кадешто е потребно, додаде Јованов.
За време на настанот, младите велешани имаа можност и добро да ги разгледаат возилата и опремата којашто ја користат пожарникарите. Исто така, тие можеа да се качат во возилата, да се фотографираат и за момент да се почуствуваат како дел од екипата на пожарникари во нашиот град.
Стефани Манева