Со детска песна и радост Велес ќе го најави Христовото раѓање, утре Бадникова поворка по градските улици
Објавено: 5 јануари, 2026, во 13:29 часот
Со радосна песна и детски гласови, и оваа година Велес ќе го дочека Бадник во духот на вековната христијанска традиција. Бадниковата поворка, која симболично го најавува Христовото раѓање, повторно ќе ги исполни градските улици со празнична радост, љубов и духовна топлина.
Бројни дечиња, придружувани од своите родители, баби и дедовци, ќе учествуваат во поворката пеејќи ја бадниковата песна „Вечниот Бог“. Поворката ќе тргне од храмот „Св. Кирил и Методиј“ во 10:15 часот, ќе се движи по улицата „Благој Ѓорев“ до кружниот тек и ќе продолжи кон зградата на Општина Велес.
Таму децата ќе бидат свечено пречекани од градоначалникот, а празничната атмосфера ќе биде збогатена со традиционалното бадниково дарување. По отслужената Света Божествена Литургија, која ќе започне во 9:00 часот во црквата „Св. Кирил и Методиј“, божиќни пакетчиња на најмладите ќе им подели Митрополитот Повардарски г. Агатангел.
Бадниковата поворка е повеќе од настан, таа е жива порака за вера, заедништво и надеж, која од генерација на генерација ја пренесува радоста од големиот празник.
Стефани Манева


