Со дванаесет нови семејства зголемен е бројот на жители на населбата „Хабитат“ во Велес (фото и видео)
Семејството Трајковски од денеска се нови жители во населбата „Хабитат“ во Велес. Велешанецот Сашко Трајковски ги доби клучевите за станот од претставниците на здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“. Трајковски не криеа дека решаваат сериозен семеен проблем, поточно тој неговата сопруга и двете малолетни деца обезбедија сопствен простор за живот. Сашко во свое и во името на останатите 11 семејства, ја сподели радоста со сите присутни на свеченоста на која ги добија клучевите од влезните врати на своите нови домови.
„Habitat for Humanity International“ според сопствени принципи ги одредува корисниците на програмата за изградба на нови домови. На овој начин ги помага семејствата со ниски приходи кои живеат во неповолни, поточно супстандардни услови. „Хабитат Македонија“ има развиено сопствена методологија која на селектираните семејства им помага преку некомерцијална цена на новоизграден станбен простор и поволни услови на финансирање, помеѓу другото рече Зоран Крстевски директор на Хабитат Македонија.
Програмата Новоградби Велес, Хабитат Македонија ја започна на крајот на 2008 година. Од тогаш до денеска изградени се шест згради со вкупно 48 нови станови. Во изградбата на петте згради со 36 станови, учествуваа 1727 меѓународни волонтери од повеќе од 30 земји во светот, организирани во 122 волонтерски тимови, помеѓу другото рече претседателот на управниот одбор на Хабитат Македонија Драган Малиновски.
Рик Хатавеј потпретседател на Habitat for Humanity International за Европа и блискиот Исток се заблагодари за поддршката на сите учесници во реализацијата на овој хуман проект пред се на доброволците коишто не себично учествуваа во изградбата на шестата зграда и доаѓа од целиот Свет како и на локалните и национални власти во државата.
Секој човек заслужува достојно живеалиште. Владата на Северна Македонија, изјави заменик претседателот на Владата Фатмир Битиќи, работи на креирање на праведно и правично општество, преку намалување на социјалната нееднаквост.
Во име на долгогодишната и добра соработка со „Хабитат Македонија“ се заблагодари и градоначалникот на Велес, Марко Колев.
Населбата Хабитат во Велес започна да се гради во 2008 година и во изградбата на шесте згради со 48 станови волонтираа 1,7 илјади лица од држави на сите континенти на земјината топка.
Стефани Манева