Со последните 113 крвни единици остварен годишниот план на Црвен Крст Велес
И покрај горештините и ковид пандемијата на дводневната традиционалната летна крводарителска акција вкупно 113 велешани даруваа крв. Хуманитарната акција се одржа вчера на 15 август и денеска, 16 август, во Ликовен салон Велес. Акцијата започнуваше наутро во 07:30 и траеше до 14:30 часот. Од општинската организација на Црвен Крст Велес се задоволно од одѕивот.
– Денешната крводарителска акција се одвива нормално, крводарителите своеволно доаѓаат и даруваат крв, се се одвива по најдобар ред со почитување на сите здравствени протоколи. Во текот на вчерашниот ден 58 граѓани даруваа крв од кои 14 жени и пет граѓани што за прв пат даруваа крв. Денеска од 55 крводарители 11 се жени и двајца граѓани за прв пат даруваа крв и станаа дел од најхуманото семејство во Македонија. Ова е многу солидна бројка со оглед на периодот во којшто се наоѓаме, бидејќи е период на годишни одмори, лица којшто се во процес на имунизација и не можат да даруваат крв. Ние сме задоволни од целокупниот одѕив и од целокупното одвивање на оваа акција, рече секретарот на Црвен Крст Велес, Орце Николовски.
Во изминатите четири денови, освен традиционалната летна крводарителска акција, исто така се одржаа уште две крводарителски акции. Првата во петок на 13 август во велешката касарна „Алексо Димниевски Бауман“ каде 17 припадници на армијата даруваа крв и втората во сабота на 14 август, во Општина Градско кадешто се собрани 35 крвни единици.
Со овие три последни крводарителски акции Општинската организација на Црвен Крст Велес го реализираше годишниот план во којшто испланира собирање на вкупно 1861 крвни единици. Тоа значи дека секоја наредна крводарителска акција и собрани крвни единици ќе значат натфрлување на предвидениот број крводарувања.
Стефани Манева