Стариот кромид достигна рекордни 100 денари за килограм во Велес,се продавале увезени а не домашни количини (фото)
Килограм стар кромид на неколку тезги, денеска, на Градски пазар се продаваше по цена од 100 денари за килограм додека на останатите чинеше од 75 до 80 денари. Според градинарите од петок овој вид зеленчук нема да може да се купува за помалку од 100 денари.
На прашањето зошто за помалку од десеттина денови за 2,5 пати поскап е стариот кромид тие одговорија дека во државата немало домашно производство туку се што се продавало на тезгите на пазарите биле количини коишто биле увезени.
“Ова е период во кој исто така нема домашно производство на стар кромид во фолии. Веќе се бере првата реколта на млад кромид и тоа е најверојатно причина за поскапувањето,“ одговорија градинарите.
За граѓаните пак превисоката цена на кромидот во главици се должи на се помалиот број на производители наспроти зголемениот број на прекупци.
Денеска,исто така, цената на младиот кромид изнесуваше 10 денари за врзоп од четири до пет стебленца. Исто така лукот се продаваше за 15 денари за врзоп, спанаќот од 30 до 60 денари за килограм, марулите и младата зелка за 30 до 40 денари, морковите од 40 до 60 денари додека краставиците и доматите од 80 до 100 и повеќе денари за килограм.
Убавка Јаневска