Стефан Ѓоргиевски од Скопје победник е на XIV Ораторска вечер „Петар Поп Арсов“ (фото и видео)
Ѓоргиевски има 25 години и е дипломиран економист со развиени ораторски способности. Синоќешниот не беше негов прв ораторски настап. Но, неговото ораторско говорење пред присутните во големата сала на Општина Велес, вчера вечер, на тема: „Иднината на Македонија и учеството на младите во изградбата, иднината и преродбата на татковината“ му ја донесе престижната прва награда на традиционалната манифестација организирана од страна на Унија на млади сили на ВМРО ДПМНЕ, ОК Велес.
Освен Ѓоргиевски, годинава, за освојување на трите места и добивање на прва, втора и трета награда за ораторски способности се натпреваруваа уште пет млади луѓе, активисти на подмладокот на партијата, од различни градови на Македонија. Поточно Даниела Павловска и Андреј М Петровски од Скопје, Ивона Тодоровска од Кочани, Милица Андонова од Гевгелија и Ѓорѓи Шопоски од Струга. Нивните ораторски говори беа избрани од вкупно 10 испратени на конкурсот.
Победниците ги прогласи и наградите им ги додели пратеничката во државното Собрание, Драгана Бојковска.
Ова е натпревар во ораторство за којшто се распишува конкурс на одредена тема и трае шест дена за на него да аплицираат заинтересирани млади луѓе од подмладокот на партијата. Потоа нивните говори ги разгледува Жири комисија и одлучува кои влегуваат во ораторскиот натпревар, појасни Стефан Тодевски претседател на УМС на ВМРО ДМПНЕ, ОК Велес.
Четиринаесеттата Ораторска вечер на ОК на Унија на млади сили на ВМРО ДПМНЕ беше организирана со мото „Иднината е во наши раце, продолжуваме за поуспешна иднина“. Манифестацијата е посветена на македонскиот национален херој, филолог, револуционер, сновоположник на Македонската револуционерна организација, долгогодишен член на Централен Комитет на МРО, задграничен претставник на организацијата, автор на Првиот устав на Внатрешната организација и автор на познатата публикација „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“ како и идеолог, книжевник, публицист, борец за национално, културно и духовно издигање на македонскиот народ Петар Поп Арсов. Тој е значајна личност од македонската историја и поради борбата за македонската самобитност, за воспоставување на самостојна независна држава Македонија, за градење на независна Македонска црква и образование како и за македонскиот литературен јазик и правопис.
Убавка Јаневска