ТТПЕ Велес доби два сета со опрема за користење при сообраќајни несреќи и поплави
Територијалната противпожарна единица во Велес, денеска, ја збогати својата опрема со два сета коишто може да се користат при сообраќајни несреќи и при поплави. Овие сетови со коишто ќе се служат пожарникарите во Велес се донација од Дирекција за заштита и спасување во вредност од околу 50.000 евра. Директорот, Беким Максути, напомена дека постои континуитет при доделување на опрема за Територијална противпожарна единица во Велес и овие два сета ќе бидат искористени и за вежбовни активности со цел да се покаже подготвеноста на ТТПЕ Велес.
-Од ланската година постои континуитет на доделување на опрема, претходната година исто така доделивме и возило на град Велес, оваа година доделуваме сет за спасување при големи сообраќајни несреќи и урнатини и еден сет за справување од поплави коишто верувам дека противпожарната единица на град Велес ќе знае најдобро да ги искористи. Исто така, се надевам дека овие сетови ќе ги искористиме и за вежбовни активности преку кои ќе ја покажеме нашата спремност и како Дирекција за заштита и спасување и како противпожарна единица на град Велес заедно со администрацијата на градоначалникот. Преку нив ќе покажеме дека сме подготвени да се справуваме со било каква несреќа што може да се случи. Имаме и идни планови, оваа година се набавени опрема и возила коишто ќе се доделуваат на сите градови во Македонија со цел обезбедување на подобри услови за работа на противпожарните единици и блиска соработка помеѓу Дирекцијата за заштита и справување и локалните власти, додаде Максути.
Градоначалникот, Марко Колев, се заблагодари на Дирекцијата за заштита и спасување, како за досегашните донации така и за денешната којашто е особено значајна како за интервенции при сообраќајни несреќи така и за интервенции при елементарни непогоди како што се поплави.
-Добро е да ја имаме но би сакал да не ни се случи да ја користиме оваа опрема. Го запознав директорот на Дирекцијата за заштита и спасување со некои активности коишто ги имаме превземено како самоуправа дека пред неколку месеци добивме и возило коешто веќе е ставено во функција. Ние сакаме пожарникарите да имаат соодветни услови за работа, како и едукација се со цел да можат да интервенираат што е можно побрзо и поефективно, додаде Колев.
Командирот на ТТПЕ Велес, Љупчо Лепидовски, изрази голема благодарност како до Дирекцијата за заштита и спасување така и до градоначалникот, бидејќи Велес е центар на коридор 10 кадешто минуваат голем број на возила и овие два сета ќе бидат од голема помош за пожарникарите.
-Оваа донација многу значи но се надевам дека ќе ја користиме само за вежби, да видат граѓаните дека постоиме, дека ја имаме таа опрема, превенцијата и едукацијата е помала штета отколку да дејствуваме на терен, додаде Лепидовски.
Во Територијалната противпожарна единица во Велес вработени се 32 пожарникари а за непречено работење потребни се уште десетина нови пожарникари.
Стефани Манева