Ученички изработија свои книги на тридневна работилница во велешката библиотека

Објавено на 20 јули, 2023 во 13:10

Дваесет деца беа во улога на автори и изработија своја книга на тридневната работилница насловена „Книга“ во градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес. Учениците по два и пол часа поминуваа во библиотека и на креативен начин за време на работилниците се запознаваа со елементите на книгата, начинот на нејзината обработка, чувањето и издавањето во библиотека.

Директорката на велешката библиотека Снежана Бошевска е задоволна од одзивот на деца преку забавен начин учеа и другаруваа во просториите на библиотеката.

-Работилницата траеше три дена и секој ден опфаќавме различни под теми. Првиот ден темата беше насловена „Патот на книгата – од идеја до полица“ и преку разговор  децата добија информации како да се создаде една книга, од самата идеја на авторот, преку издавачките куќи, печатниците, па се до полиците на библиотеката. Имаа средба со нашиот роднокраен автор Наташа Брезовска -Богоевска,  која сподели моменти од создавањето на нејзините книги. Вториот ден, темата беше „Правописот во македонскиот јазик, основен елемент за добра книга“ и учесниците на работилницата се запознаа со улогата на лекторот при создавање книжевно дело. Се напоменаа најчестите грешки на кои наидуваме при лекторирање на ракописот. Лекторирањето на книгата е еден од условите за да се испечати една книга. На последниот ден од работилницата темата беше „Ожижувањето на книгата преку илустрациите“ кога сите учесниците во работилницата преку разговор со илустраторот Евгенија Андреева го сфатија значењето на илустрациите во една книга. Како да се дојде до најдобрата идеја за илустрација, којашто најмногу одговара на текстот и ќе ја поттикнува визуелизацијата, и фантазијата, додаде Бошевска.

На самиот крај од тридневната работилница, учениците преку процесот на критичко размислување дојдоа до илустрациите за своите книги.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.