Ученичките од „Коле Неделковски“ се вратија со злато, Ансамблот „Керамичар“ блескаше со својот настап на „Компиријада 2025“

Објавено на 27 октомври, 2025 во 11:28

Ученичките Ивана Стојановска, Стефанија Бојковска и Лорета Лазаревска од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“, под менторство на професорката Кристина Пачукова го освоија првото место за најдобар специјалитет на гастрономската манифестација „Компиријада 2025“ која се одржа во Кратово.

Ученичките го претставија градот Велес во најдобро светло, подготвувајќи неколку кулинарски специјалитети чија основна состојка беше компирот – главниот мотив на манифестацијата.

Од училиштето изразија задоволство и гордост од постигнатиот успех, нагласувајќи дека признанието претставува потврда за континуираната посветеност и квалитетната работа на наставниот кадар и учениците. Според нив, оваа награда е воедно и дополнителен поттик за уште поголеми успеси и унапредување на практичната настава во иднина.

Додека жирито ги оценуваше вкусните специјалитети на бројните штандови, публиката уживаше во богата културна програма. Со свој настап пред кратовската публика се претстави и велешкиот Ансамбл „Керамичар“, кој со кореографијата „Прилепски игри“ ја раздвижи сцената и ја воодушеви публиката. Настапот беше проследен со аплауз, потврдувајќи уште еднаш дека велешките играорци со својата енергија и љубов кон традицијата освојуваат срца насекаде низ Македонија.

Со ова, Велес повторно докажа дека е град на таленти, традиција и посветеност, додека младите заеднички ја пренесуваат неговата приказна низ државата.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.