(Фото) Ученици, млади хуманисти, на ООУ„Гоце Делчев“ од Кавадарци обезбедија клима уред за немоќно семејство
Младите хуманитарци од кавадаречкото основно училиште „Гоце Делчев“ изминатиов период напорно работеа за да набават грејно тело за затоплување на домот на социјално загрозено семејство.
Оваа нивна цел произлезе од истражување и како приоритет да се помогне на некое семејство во рамките на нивната проценка и нивните можности да соберат парични средства. Учениците со помош на директорот на училиштето, педагогот како и останатите вработени организираа повеќе настани на кои собираа парични средства од донации, детски забавни игри , продаваа крофни и зашеќерени јаболка на плоштадот во Кавадарци за први април, организираа Велигденски базар и пешачка тура до месноста Љубаш, испратија писма за донации во неколку маркети во Кавадарци при што добија храна и средства за хигиена кои беа донирани на семејството.
Од сите активности, овој тим на млади хуманитарци, успеа да обезбеди средства за купување инвертер клима уред кој на семејството ќе му користи и во зима за затоплување на просторијата и во лето за разладување.
Како што информираше волонтерот Димитар Каракулев, клима уредот беше дониран на семејството а за монтажата ќе се погрижат вработените од „КЛИМИ.мк“ кои се приклучија кон помошта на ова семејство. Тимот ,,Подари насмевка” упатува голема благодарност до: „Мин-Екс“ , „Ика спорт“, „Грација пром“, „Кожувчанка Ким“ од Неготино, „Пекара Здравје“, „Тим Компјутери“ и на ЦКА-ПХВ тимот „Шарен свет” на ООУ Димката Ангелов Габерот од Ваташа, за нивната помош без која што немаше да се реализира нивната цел.
Станува збор за активност како дел од акцијата „Подари насмевка” која е дел од програмата Црвен крст во акција за промовирање на хумани вредности. Дисемиматор на ЦКА-ПХВ програмата за сите училишта е Даниела Лазовска волонтер во ОО Црвен Крст Кавадарци.
Убавка Јаневска