Успешна летна крводарителска акција во Велес, собрани 172 крвни единици

Вкупно 172 крвни единици беа дарувани на големата летна крводарителска акција којашто се реализираше во два дена, поточно во петокот и неделата, на 18 и 20 август, во Ликовен салон. Велешкиот Црвен Крст акцијата ја категоризира како многу успешна бидејќи голем број на граѓани несебично ја подале својата рака и дарувале од најскапоцената црвена течност со цел да спасат нечиј живот.
-Во петокот на 18 август, на првиот дел од летната крводарителска акција беа собрани вкупно 47 крвни единици додека вториот ден, во неделата на 20 август, беа собрани 125 крвни единици. Ние сме презадоволни од одзивот и сакаме да упатиме огромна благодарност до сите 172 крводарители коишто не ги спречи ниту топлото време и се одзваа на повикот во голем број, соопштија од Црвен крст Велес.
Летната крводарителска акција беше заеднички реализирана од страна на Црвен крст на РСМ Општинска организација Велес и Институтот за трансфузиона медицина од Скопје.
Во текот на реализацијата учество земале и четворица волонтери од Клубот на млади.
Стефани Манева
