Уште 86 средношколци можат да добијат легло во велешкиот средношколски дом
Осумдесет и шест средношколци коишто живеат надвор од Општина Велес, на оддалеченост поголема од 25 километри, имаат можност да конкурираат за сместување воОпштински ученички дом „Лазар Лазаревски“. Конкурсот е распишан и рокот за добивање на легло во оваа институција тече од денеска. Средношколскиот дом располага со капацитет од 200 легла и учениците коишто се сместуваат не плаќаат бидејќи паритиципацијата од седум и пол илјади денари е на товар на Министерство за образование.
– Од воведување на задолжително средно образование во нашата држава не се плаќа сместување во средношколки дом бидејќи сето тоа го покрива државата односно Министерство за образование. Партиципацијата не е променета и изнесува седум и пол денари по ученик со коишто се покриени сите трошоци, но во овие услови, овие пари не се доволни. Инаку во 2018 и 2019 година, ентериерот во нашиот интернат е целосно променет, што значи дека сите кревети, клупи, шкафови, плакари се нови. Ни останува уште да ја обновиме фасада, кровот и подот. Се надеваме дека преку проекти ќе успееме и овие работи да ги промениме, рече директорот Марјан Јорданов.
Четворица воспитувачи од вкупно 13 вработени во установата се воспитувачи кои секојдневно работат со средношколците. Континуирано во последните години институцијата конкурира со проекти како за подобрување на условите за престој на средношколци така и за решавање на најприоритетните проблеми како што се попраква на покривот и поставување на панели за производство на електрична енергија. Целта е да се заштити зградата на објектот и да се намалат трошоците за потребите од освлетување, одржување на хигиена, приготвување на храна и затоплување на објектот.
– Оваа година имаме поднесено проект за промена на кров и на фасада на интернатот во Јапонска Амбасада. Кровот на зградата кадешто се наоѓаат спалните, училниците,кабинетите не е променет од 90-тите години. Располагаме и со електрични и со соларни колектори, но оваа година поради високите цени на струјата, електричните бојлери ќе ги исклучиме. Исто така, ламбите во интернатот се со сензори што значи дека не светат постојано како порано, туку по потреба истите се уклучуваат и исклучуваат. Променети ни се и светилките со штедливи светикли и сметам дека сме спремни да ја дочекаме оваа зима којашто ја рангираат како најтешка. Во моментов сме со подготовка за изработка на проект за фотоволтаични панели со коишто во иднина ние самите ќе можеме да произведуваме струја и да ги намалиме трошоците на минимум, додаде Јорданов.
Според директорот се размислува и за подготовка на други проекти со коишто оваа институцијата на сите средношколци ќе им овозможи услови идентични на оние во нивните домови.
Стефани Манева