Аптекарите ги засукаа ракавите: Поевтинуваат лековите!
Велешани, во понеделникот, во градските аптеки без проблеми купуваа лекови. Најголем дел од нив беа со намалени цени. Сепак имаше и лекови кои се продаваа по стара, непроменета цена.„Лекот што го користам за да си ја олеснам бременоста, денеска, го купив за 30 денари поевтино од претходниот пат“, рече велешанката Валентина додека излегуваше од аптека во центарот на градот.
„Одеднаш ја купив месечната потреба од сите лекови. Дома ќе ја споредам сметката со онаа од претходниот месец. Првично мислам дека денешната е нешто пониска ама како да не се намалени сите лекови што ги купив,“ рече пензионерката Нада.
Аптекарите ни открија дека во најголем дел ,викендот, успеале да ги прилагодат софтверите и да ги искорегираат цените на лековите. Не криеја дека постапката не ја примениле кај сите лекови но, се обврзаа дека ќе продолжат денеска и во наредните два дена.
Фармацевската комора, во неделата, од министерот за здравство Никола Тодоров побара намалувањето да се одложи за 15 дена и примената да почне на 1 ноември наместо на 15 октомври, годинава . Аптекарите се пожалија на краткиот рок што им бил даден и во кој морале да ги искорегираат цените. Се сомневаа дека проблеми можат да им создадат софтверите на компјутерските системи веќе прилагодени согласно Договорот со Фондот за здравство. Според аптекарите, исто така, проблематична била обврската за корекција на средината бидејќи пресметувањето на ДДВ го правеле на почетокот или секој први во месецот.
На сето ова, веднаш од Велес, одговори министерот Тодоров и на аптекарите им порача дека законската обврска мораат да ја испочитуваат. За барањата на аптекарите рече дека се неосновани бидејќи уредбата била одамна објавена и одамна било познато дека корекцијата на цените се прави два пати годишно, на 15-ти март и 15-ти октомври. „Не очекувам да има проблеми а Бирото за лекови ќе следи како аптеките работат“, рече министерот Тодоров. Тој беше дециден дека примената на новите намалени цени стартува на 15 октомври, утврдено според однапред утврдена методологија.