Локалната власт и Црвениот крст потпишаа Меморандум за соработка!
Се обврзаа на уште поголема соработка од досегашната во делот на хуманитарната и социјална мисија, во превенцијата на здравствената заштита за граѓаните како и во дејствувањето при елементарните непогоди и катастрофи.
Денеска Општинската организација на Црвен крст и општина Велес потпишаа Меморандум за соработка. Потпис на документот ставија градоначалникот Горан Петров и првиот хуманитарец во градот, д-р Милчо Трајков.
„Овој документ ги содржи активностите кои ние веќе сме ги превзеле како и обврските за донесување на стратешки документи преку кои нашата соработка би ја подигнале на повисоко ниво поточно преку Советот на општината би поставиле трајни темели. Уште поголема тежина би имале сите наши досегашни активности и секако и проектите кои допрва ќе ги реализираме,“ рече градоначалникот Петров.
„Ние сме меѓу првите општински организации кои потпишале ваков акт со локалната власт. Општинската организација на Црвениот крст е дел од Националното хуманитарно друштво и како движење на Црвениот крст и на Црвената полумесечина имаме основна функција да ги помагаме властите, насекаде во целиот свет. Ќе се помагаме и материјално и кадровски особено преку волонтаризмот, начин на кој ние функционираме. Ќе потсетам дека како партнери ние во моментов спроведуваме проект Нега на стари лица во домашни услови и навистина успеваме да им ја пружиме на граѓаните неопходната помош, “ рече д-р Трајков.