Семејството Стојановски: Има надеж за нашиот Ѓорѓи!

Објавено на 3 декември, 2012 во 14:21

Седум годишниот Ѓорѓи Стојановски од велешкото село Оморани е штитеник на посебното општинско училиште „Маца Овчарова“. Има вродени проблеми на слухот, а откако наполнил неколку години неговите родители забележале дека детето е хипер активно и има ментална попреченост во неговиот развој.

Неможејќи сами да се соочат со болеста одлучиле Ѓорѓи да го посетува училиштето за деца со посебни потреби.

„Тешко е, сеуште не знаеме од што точно боледува детето. Го носевме во скопскиот центар за ментално здравје, го снимаа на главата и првично утврдија дека многу бавно му функционира мозочето и особено центарот за говор. Поради тоа од лани почна да го посетува училиштето и состојбата малку се подобри. Тука му е добро бидејќи се дружи и со децата и со наставничките“, вели Соња Стојановска, мајката на Ѓорѓи.

Тој заедно со останатите соученици од училиштето го одбележаа светскиот ден на лицата со попреченост

.

Според психолозите Ѓорѓи има големи подобрувања во развојот и тоа е резултат на навремената социјализација со неговите врсници. Сметаат дека особено му помогнало што родителите имале развиена свест дека Ѓорѓи мора итно да се социјализира што не е случај со сите родители кои имаат даца со попреченост.

„За четири месеци се забележуваат подобрувања, има бавен но сигурен напредок. Особено е значајно што Ѓорѓи доаѓа од рурална средина, сега се наоѓа во многу поинакво опкружување, но после напорната работа со него тој одлично се социјализира. Во овој случај позитивно е тоа што родителите интервенирале веднаш, но често се соочуваме со луѓе кои се противат нивното дете да доаѓа на училиште и покај тоа што има проблеми во развојот“, вели Соња Гаврилова, психолог во училиштето.

Од друга страна пак неодамна надлежните министерства го посочија Велес како град во кој здрави деца без никакви пречки се праќаат во посебното училиште. Спротивно од ова директорката на училиштето вели дека не бил откриен ниту еден ваков случај.

„Во училиштето нема запишано ученици без да имаат наод и мислење од надлежна комисија и за жал ние  се почесто добиваме штитеници со тежок вид на хендикеп и тоа аутизам, церебрална парализа и мултихендикеп“, вели Татјана Љапова, директорка на посебнто училиште.

Ѓорѓи и неговите родители секојдневно патуваат по 30 километри во еден правец, само за да се подобри неговата психичка состојба. Но не сите деца како него ја имаат родителската поддршка. Експертите пак порачуваат институциите особено да внимаваат на случаите во кои деца на сила се пишуваат како да се со ментална попреченост и злоупотребата на бенефициите кои државата им ги овозможува на овие луѓе.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.