„Груевски оди си“ оддекнуваше во велешка Нова населба!
Марш и уличен парламент одржа СДСМ како протест поради случувањата од 24 декември
Со марш кој започна близу касарната па се до зградата на Општина Велес каде се одржа уличниот митинг опозициската СДСМ го одржа протестот во Велес вечерва. Речиси петстотини граѓани се вклучија на маршот и ги слушаа пораките искажани од говорниците на импровизираниот парламент. Порачаа премиерот Груевски и неговата тајфа да си замине од власта оти не заслужувала да е таму.
„Бранко има знаење, а што има Груевски, тој само лаже. Јас имав мака, моите деца се невработени, сите не лажат и немав каде да се обратам. Сега сум среќна што добив шанса вечерва да си ја кажам маката“, рече велешанка.
Според говорниците земјава со оваа власт е во бездна и нема излез од кризата во демократските процеси. Згрозени биле од она што се случуваше на 24 декември лани, кога опозициските пратеници како што велеа насилно биле одстранети од салата, за власта сама да го донесе претешкиот буџет.
„Се запишав на правен факултет мислејќи дека ќе допринесам за демократијата на Р. Македонија. Меѓутоа многу сум разочаран од оние кои ми предаваа на факултет, а сега ги нема никаде. Ги нема да кажат по кој член е прекршен уставот, по кој член е прекршен законот за собрание и деловникот. Дали се тоа партиски професори или самостојни интелектуалци“, рече велешанец.
“Како мајка и жена се грозам, се ежам и сум длабоко разочарана од она што им го направија на жените парламентарки и од оние жени кои седеа во своите фотељи и мирно гледаа како им се случува насилство на своите колешки, а се прокламираат дека се некои жени борци за еманципација на жените и претседателки на комисии за родова еднаквост“, рече велешанка.
Инаку неколку пати до сега опозицијата протестира во Велес како револт на донесувањето на буџетот во парламентот на насилен начин. Најавија дека за време на празниците ќе мируваат, а следниот протестен марш ќе го одржат во вторник на главната улица во градот.