Еден век од „Кај Саздо“ мириса на вруќо лепче
Единствената фурна на жар во Велес сеуште пече леб
Мирис на топло лепче се шири секое утро од кај Читкушева чешма. Тука сеуште работи фурната „Кај Саздо“ која е единствена во градов која пече леб на жар и е стара повеќе од еден век. 32 годишниот Пепи Атанасов раскажува занаетот го земал од татка си и ја продолжил традицијата која со изградбата на фурната ја започнал неговиот дедо.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=_a6N8OMC7Z0&feature=youtu.be{/youtube}
„Професионално работам веќе ѓест години, но од мали нозе сум тука и помагам. Завршив земјоделски факултет и барав неколку години работа, но не успеав. Поради тоа се одлучив да ја продолжам старата семејна традиција“ вели Пепи Атанасов.
Неговиот работен ден започнува во два часот наутро и трае се до десет кога се продава и последното лепче.
„секоја планина си има своја тежина, па понекогаш мора да се откажеш од некои привилегии, но на сметка на тоа ќе добиеш други. Јас работам ноќе па не сум излегол одамна во ноќен живот, но преку ден се трудам да си го надоместам тоа“, вели Атанасов.
Дневно во пекарата се продаваат речиси 80 векни, а луѓе доаѓаат дури и од „Којник“ и „Тунелот“ само за да купат традиционално домашно лепче. Таткото на Пепи, Саздо Атанасов се присеќа на убавите времиња кога фурната работела со полна пареа.
„Се печеше, цело маало доаѓаше тука. Носеа лебови, зелници, баклави се имало за една живеачка. Се изменија времињава, народов почна да купува од повеќе приватисти и едноставно опаѓа занаетот, не е ко што беше во старо време“, вели Саздо Атанасов.
И покрај слабиот пласман сепак за живеачка има вели Атанасов. Лепчиња со париче за Бадник не меси, освен она домашното за своето семејство.
„Не сакам да пуштам во продажба бидејќи сакам да си ја задржам традицијата на печење само домашен леб. Тешко ми оди бидејќи материјалите се скапи, а заработувачката минимална. Но, се трудиме колку можеме“, вели Атанасов.
Општина Велес го прогласи Атанасов за најзанаетчија за оваа годна. Според него признанието е само поттик за да се продолжи семејната традиција во која ја гледа сопствената иднина.