Стечај за Киро Ќучук!

Објавено на 7 февруари, 2013 во 14:37

Отворање на стечајна постапка барала УЈП оти фабриката и должи шест милиони евра, директорот Камчев не ја коментира одлуката на велешкиот суд.

Во стечај оди велешката фабрика за тули Киро Кучук поради досегашен долг од 9 милиони евра. Државата барала отворање стечајна постапка, а велешкиот суд  денеска одобри. Само на Управата за јавни приход, фабриката и должи шест милиони евра за неплатени даноци и придонеси за вработените. Поради ова велешкиот суд денеска одлучи дека има услови за почеток на стечај и веднаш за управник го назначи Ацо Петов. Од утре тој ќе раководи со фабричкиот имот, додека акционерите и директорот Ќиро Камчев не смеат да влезат во фабриката. Тој не сакаше да ја коментира одлуката на судот. Неа пред судот ја слушнаа и дел од вработените кои  имаат и по триесетина заостанати плати.

„Јас до пред три години работев во фабриката, останав технолошки вишок и на суд добив дека треба да ми се исплатат 12 заостанти плати, но до денес ова не се случило. Сега ќе се консултирам со адвокат и ќе се пријавам како доверител, се надевам дека ќе влезам во стечајната маса“, вели поранешен вработен во фабриката.

„Ми должат седумнаесет плати, не знаеме сега кај сме што сме, чекаме да видиме што ќе се случи дали и како ќе не исплатат. Сакаме стечај, да се реши еднаш ова, но сепак не се надеваме многу“, вели поранешен вработен.

Инаку вкупниот затекнат долг што туланата го има кон државни и приватни фирми е девет милиони евра, но според познавачите тој ќе порасне. Во наредните триесет дена секој што има нерасчистени сметки со Киро Кучук ќе треба да се пријави како доверител. Преставници на дел од доверителите и денеска присуствуваа на отворањето на стечајот, но од она што го слушнаа не се надеваат дека ќе си го наплатат долгот.

„По ова што се кажа, тешко е дека ќе дојде до надмирвање барем на главниот долг, а да не говорам и за каматите и штетите. Се водат веќе извршни постапки кои за жал не можеме да ги подмириме“, вели Грозда Сутинов, адвокат.

Доверителите во изминативе осум години во осум наврати бараа стечај но судот не одобруваше. Исто толку време трае и голготата на работниците, кои дел по дел беа отпуштани од работа без надоместоци и плати. Фабриката која важеше за една од најрентабилните во градот веќе долго време привремено ја стопираше работата и не произведуваше ниту извезуваше тули и керамички производи. На 23 април ќе се одржи собрание на доверители на кое ќе се знае кому и колку му должи Киро Кучук.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.