Д-р Милчо Трајков: Црвен крст не е само магацин за стари алишта!
Велешката организција планира годинава да работи со помош на млади луѓе подготвени да излезат на терен и да им помагаат на граѓаните.
Луѓето не подразбираат само како организација која собира стари алишта и организира крводарителски акции, но ние имаме многу поголем капацитет, велат од велешкиот црвен крст.
Поради ова во програмата за работа, која хуманитарната организација планира да ја реализира годинава, е предидено поголема работа на терен, меѓу граѓаните и тоа со подмладени екипи на црвениот крст.
„ Живееме во време кога се изменети односите, релациите и условите за делување и поради тоа мораме да бидеме поагресивни и ние да одиме кај граѓаните. Ќе ги следиме трендовите, ќе ги користиме знаењата на помладите кои имаат поинаков сенс, пристап и начин на делување“, рече Милчо Трајков, претседател на велешкиот Црвен крст.
Организацијата годинава планира да работи со граѓаните и тоа најмногу на будење на чувството за заедништво бидејќи како што вели Трајков егоизмот се повеќе зема замав.
Ќе се работи на подобрување на здравјето на луѓето, правилна исхрана, превенција и промена на животните навики.
Остануваат и проектите за намалување на користењето на дрога, борба против туберколозата и нега на стари луѓе.
„ Ова е Дон кихотска работа, ние немаме толкав капацитет како државните институции, но сепак имаме помошна улога. Секогаш стоиме на располагање за унапредување на здравјето на граѓаните, сакаме да сме ефикасни и не бараме да ни се врати за ова, освен признание од заедницата, секако ако успееме во мисијата“, вели Трајков.
Тој истакна дека ќе работат во девет области од секојдневниот живот на граѓаните и се надева дека ќе успеат во нивната хуманитарна мисија.
