Киро Ќучук мегдан за препукувања меѓу ВМРО ДПМНЕ и Зоран Заев!
Владеачката партија обвинува дека двоецот акционери Заев – Камчев ја затвориле фабриката. Заев одговара : Државата имаше за цел да ми наштети!
Градоначалникот на Струмица и сопственик на Еленица, Зоран Заев ја однесе во стечај велешката фабрика Киро Ќучук.
Вака денеска обвинија од владеачката ВМРО ДПМНЕ од каде сметаат дека Заев како мнозински акционер заедно со директорот Киро Камчев ја уништиле фабриката која е конкуренција на струмичка Еленица, чиј сопственици се Заеви.
„За жал, со вчерашното заминување во стечај на фабриката, се оправдаа нашите сомнежи, а резултатот е познат. Ќиро Ќучук не работи, Еленица од Струмица во сопственост на Заеви има доминантна положба на пазарот. За јавноста е интересен и фактот што за многумина е непознат дека поранешната извршна директорка на Киро Ќучук е вработена во Еленица од Струмица, фирма во сопственост на Заеви“, рече Петре Саздов од ВМРО ДПМНЕ.
Власта направи се за да не работи Еленица, одговори Заев.
Тој рече дека цела Македонија знае за неговиот братучед кој како сопственик на Еленица купи 27 проценти од акциите на Киро Ќучук.
Но, кога сакаше да работи Управата за јавни приходи не дозволи, рече Заев.
„Кога беше Бранко на власт тој беше крив за фирмите кои одеа во стечај. Сега кога Груевски е на власт повторно СДСМ е крив за стечајот, само не Бранко туку Заев. Целта е само да се наштети на некој социјал демократ“, додаде Заев.
Според владеачката партија Заев им должи објаснување на работниците кои останаа без работа, тој пак вели дека власта не се грижела за 700 луѓе кои ќе останат без работа.
Инаку вчера на барање на УЈП велешкиот суд отвори стечај за Киро Ќучук бидејќи е огромен должник кон повеќе субјекти.