(ВИДЕО) Рампите не се пуштени, возови минат среде Велес!
Опасност демне речиси од секој железнички премин во Велес, а во Превалец е најкритично откако се извадени рампите.
И после повеќе од еден месец откако се случи нереќата во која воз удри во југо, кај велешката населба Превалец рампа на преминот сеуште нема. Тогаш возачот едвај се спаси, но сега жителите на населбата стравуваат дека нереќата од зад свијокот постојано демне. Раскажуваат дека во изминатиов месец неколкупати се избегнати трагедии.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=leghl8qs0rc&feature=youtu.be{/youtube}
„Возот помина, светлото не се уклучи. Едно дете минуваше со мотор и падна точно на шините. Идеше железничка машина во тој момент и јас притрчав да му помогнам да избега целиот облеан во крв. За малку ќе го згазеше. И мене ми е страв и јас минувам секојдневно тука“, вели жител на Превалец.
„Многу е опасно да ви кажам, ај шофериве малку ќе загледаат ама децава за нив е уште поопасно“, вели жител на Превалец.
Тие веќе преку месната заедница и општината реагирале до железници, но им одговориле дека така ќе остане. Сепак претседателот смета дека мора нешто да се промени.
„Ако има електрични рампи друго ќе биде, паѓа рампата и нема минување, како што е во град. Меѓутоа овде кога сонцето свети треба едно метро да дојдеш за да видиш дека сигнализационото светло трепка. Звучна сигнализација има ставено, ама со стетоскоп треба да слушаш дали работи, а камо ли ако си во автомобил, камион или автобус“, рече Александар Трпков, претседател на месна заедница.
Но, и онаму каде што има рампи состојбата не е идеална. Возовите често поминуваат иако рампите не се спуштаат и тоа во центарот на Велес. Опасно е и кај мостот Гемиџии и во населбата Дворови чиј жители се сведоци на ваквите случки.
„Многу пати се случува, да е само еднаш добро би било, а често минувам тука и многу пати се случува. Дали е неисправна техниката, дали е негрижа, ама не се спуштаат. Среќна околност е што до сега не настрадал некој, особено за децата, тука има училиште за тоа е уште поопасно“, вели жител на населбата.
Со рампата на Стар мост управува стражар. Овој премин не е поврзан во електичната мрежа на железници па можеби е и најсигурен. Но, поради фрекфентноста создава проблеми во сообраќајот.
Од безбедносни причини 15 минути порано се спушта рампата па поради ова се содаваат големи колони возила кои чекаат од двете страни.
Штета од честите несреќи кои се случуваат на премините трпи и железница – транспорт. Директорот Оливер Дерковски за дума.мк вели дека локомотивите се уништиваат при секој судар со возила. Од инфраструктура под чија надлежност се рампите пак велат дека проблемот со сигнализацијата најчесто е предизвикан од несовесни граѓани кои ги сечат и крадат каблите. Исто како и на жителите од Превалец и на останатите им порачуваат добро да внимаваат пред да се одлучат ги минуваат железничките шини.