Кривична пријава заработи директорот на АД “Македонија“ Неготино!
Педесет и четири годишниот Љ.А,полицијата, го сомничи за злоупотреба на службена должност и за измама.
Осомничениот Љ.А, без одлука на Собранието на акционери, склучил договор помеѓу фабриката за преработка на зеленчук и овошје АД „Македонија“ и фирмата „Бест Агент Скопје“ за купување на производна линија-машини од АД Македонија во износ од 17.217.248 денари, притоа доведувајќи ги во заблуда вработените и акционерите дека неговата фирма Бест Агент Скопје ќе ги исплати обврските што АД Македонија ги има кон Министерството за финансии и со изјава заверена на нотар ветил дека машините десет години ќе останат во неговата фабрика.
Но, тој не ги платил обврските кон Министерството за финансии по што следело подмирување со недвижен имот на АД Македонија.
Исто така машините наместо во фабриката за во Неготино за користење биле однесени во Скопје, стои во соопштението на полицијата.
Осомничениот во текот на 2009 година, оттуѓил и котловска машина сопственост на АД Македонија со проценета вредност од 10.637.889 денари, без за истото да достави документација.
Со ваквото работење пријавениот противправно се стекнал со имотна корист од 27.855.137 денари на штета на акционерите и доверителите на АД „Македонија“.
А.Д
Извор : МВР