Отпорот на Сојузот на иднината низ велешките улици!
Караванот од автомобили на Сојузот на иднината денеска точно напладне помина низ главните улици во Велес.
Денешниот отпор, како што велат организаторите, започна пред Топилницата од каде потоа колоната со возила се упати по улицата кон маркетот на Туш, продолжи кон фабриката Киро Ќучук па преку населбата Тунел кон главните градски улици Благој Ѓорев и Маршал Тито се до Долни дуќани од каде во обратна насока се врати низ центарот на градот и заврши пред бензиската пумпа на Брако.
“Уште еднаш го изразивме нашиот револт кон она што се случи на 24 декември и се обидовме да извршиме притисок врз власта да распише предвремени парламентарни избори заедно со локалните во март, годинава,“ рече пратеникот и претседател на велешките социјалдемократи, Марјан Николов
„Беше исклучително добро, имаше голем број на учесници на денешниот протест. Особено сум задоволен од поддршката што ја добивме од граѓаните. Додека минувавме низ улиците тие не отпоздравуваа со кревање на рацете за што им се заблагодарувам,“ рече кандидатот за градоначалник на Здружената опозиција Аце Коцевски.