Ни го убија синот, а лежат во затвор за грабнување!

Објавено: 7 март, 2013, во 11:53 часот

Семејството на Анѓел Стојанов изгуби надеж дека ќе си го види синот жив. Денес навршува една година од неговото исчезнување.

Излезе околу 19 часот, точно на овој ден, пред една година, го видов на врата, отиде и никогаш повеќе не се врати. Вака се присеќа таткото на исчезнатиот Анѓел, Сашко Стојанов. Тој после една година не верува дека синот му е жив.

„На почетокот се надевавме дека можеби е преживеан, но сега повеќе не“, вели Сашко Стојанов.

Обвинети за грабнување на неговиот син се нивни соседи, таткото Петар и синот Борис Нацеви. Тие според пресудата на Основен суд – Велес добија по девет години затвор, а неделава апелација ја отфрли нивната жалба со што пресудата стана правосилна. Но, за семејството Стојанови правдата не е задоволена.

„Како може да им судат за киднапирање, а тие го убија нашиот син. Уверени сме во тоа. Зошто би ја переле колата во која го товариле откако го претепале на паркингот кај градскиот пазар, ако немале потреба да ги кријат трагите од крвта на Анѓел кој починал од тешките повреди кој му ги нанеле“, вели Стојанов.

Болката и тагата во семејството на Стојанов сеуште се чувствуваат, а неговиот лик на фотографии го има наоколу по рафтовите од мебелот. Тој зад себе остави жена и две малолетни деца.

Грабнувачите пак веќе половина година ја отслужуваат затворската казна. Се жалеа на одлуката на судот за престрогата пресуда бидејќи тврдеа дека само таткото Петар Нацев е извршител на грабнувањето и тоа било во самоодбрана. Морал да си го брани семејството кое долго време било тероризирано од Анѓел. Синот Борис Нацев пак велеа воопшто не учествувал во кривичното дело. Но, судот не ги прифати аргументите и ги казни со вкупно 18 години зандана. Стојанови пак молат тајната за тоа каде се наоѓа телото на Анѓел што побргу Нацеви да ја откријат, за тој да има достојно почивалиште. Лути и се и на полицијата која до денес не успеа да го пронајде Стојанов./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.