Професијата жена – војник, привлечна за многу млади Македонки!
Осумнаесет девојки , денеска, стоеја рамноправно со нивните колеги војници на платото во касарната во Велес и громогласно ја изговорија свечената заклетва со која се обврзаа на служење воен рок во доброволниот состав на АРМ.
Сите ставија потпис на свечената заклетва со која се обвзаа дека ќе ја совладаат обуката и ќе покажат дека заслужуваат место во војничкиот строј и состав на националната армија.
Меѓу нив беа и Невенка Попова и Стојанка Додевска. Дваесет и три годишната велешанка Попова и една година постарата Додевска од Куманово се само две од многуте девојки кои во изминатите неколку генерации на доброволки покажале и докажале дека и оваа професија не е повеќе само машка.
Војникот доброволец Попова е апсолвент на факултетот за туризам додека Додевска е димпломираниот менаџер по царина и шпедиција.
„Тука сум за да докажам дека постои рамноправност помеѓу мажите и жените во оваа професија. Многу ми значи тоа што сум војник доброволец и во исто време ми преставува голема одговорност,“ рече Попова.
„Се одлучив за оваа професија затоа што отсекогаш ме привлекувала униформата и се надевам дека еден ден ќе бидам дел од Армијата на Република Македонија. Си поставив цел да напредувам во војник, во професионален војник и колку што можам понатаму во формациите на АРМ,“ рече Додевска.
За овие две девојки позитивни се првичните искуства од поминатите седум дена во касарната во Велес. Сега велат дека комплетно се посветени на обуката која сметаат дека нема да им преставува никаков проблем. За постигнатите резултати рекоа дека ќе говорат по 73 дена бидејќи толку време трае обуката на војниците доброволци.
Во касарната во Велес, денеска, на 8 март свечена заклетва дадоа вкупно 217 војници од кои 18 беа девојки. Сите тие се дел од осумнаесеттата класа на доброволци на АРМ./Б.Н
