Нормален психолошки профил има клучниот сведок за платеното убиство во Ореше!
Денеска психолози го анализираа Златко Арсовски кој го промени првичниот исказ и даде сосема спротивен од него.
Златко Арсовски нема склоност кон фантазирање, неговите изјави не се апсурдни туку многу логични. Ова е главниот заклучок од вештачењето на ликот на Арсовски кој е клучен сведок во судењето за платеното убиство на Лазо Милошевски од Ореше.
„Арсовски е во состојба да ги сфати и причините, но и последиците од се што е поврзано со овој процес и неговиот исказ кој го промени. Тој сам проценил дека треба да ја смени изјавата, но која е точна ние не можеме да кажеме. Тоа нека го процени судот„, рече на денешниот претрес Весна Перовска Гавазова, психијатар.
Инаку Арсовски додека беше заштитен сведок Бреза, тврдеше дека обвинетиот Ѓоре Петровски му се јавил од САД и му кажал дека им платил на браќата Љубчо и Ордан Ѓорѓиеви да го убијат старецот. Токму тие седнаа на обвинителна клупа, а тој стана клучен сведок во процесот. Но, подоцна побара да се открие неговиот идентитет и призна дека се излажал под притисок на инспектори од ДБК.
„Спорен е моментот што вештачењето врз личноста на Затко е вршено уште додека тој беше заштитен сведок, а од тогаш помина долго време. Одамна велиме дека целиот случај се темели на рекла – казала тврдења“, рече Ѕвонко Давидовиќ, адвокат на обвинетите Ѓорѓиеви.
Психолошкиот профил на Арсовски е и последниот доказ во случајот. За две недели ќе се кажат завршните зборови по што следува пресудата. Ова е прв случај за платено убиство во земјава и еден од најконтроверзните во судството велат познавачите.\Б.Н.