Лекарите уплашени од слабиот одзив за пререгистрација!
Бараат итна промена на законот за здравствено осигурување, оти стравуваат дека ќе останат без пациенти.
Приватните лекари алармираат. Слаб е одзивот за пререгистрација во Фондот за здравствено осигурување, а тоа велат директно ќе удри врз надоместокот што го земаат според бројот на пациенти кои го имаат. Еснафот веќе има главоболки бидејќи рокот за пререгистрација истекува, а само триесет проценти од невработените се пријавиле во фондот.
„До 31 март ако не се пријават сите ќе бидат избришани и нема да добијат сини картони. Со тоа што ќе преминат во пасивни, директно ќе се намали капитацијата на сите доктори, не само на матичните туку и на стоматолозите. За тоа не смееме да дозволиме работата на докторите и висината на буџетот кој го добиваат да биде директно поврзана со свеста на нашите граѓани“, вели д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружение на приватни лекари.
Лекарите бараат итна промена на законот за здравствено осигурување. Истата мака ја имаат веќе три години откако министерството одлучи дека невработените секоја година мора да се пререгистрираат. Неколку пати понудиле решение, но министерството не го прифаќа.
„Неколку години по ред апелираме и мислам дека крајно време е оние кои ја креираат оваа работа сериозно да се заложат висината на буџетот на докторите кои се од примарното здравство да не зависи од свесноста на граѓаните“, вели Чолакова Дервишова.
Според податоците од фондот за здравство најмалку невработени се пререгистрирале во поголемите градови. И од таму апелираа секој што е невработен да се пријави во фондот. Во меѓу време и на лекарите им останува само да апелираат. Велат причината за слабиот одзив не ја знаат, но сметаат дека ако продолжи овој тренд ќе останат без пациенти.