Младите ќе добијат национален совет кој ќе им биде мост до институциите!
Денеска во Велес дојдоа да ги слушнат размислувањата на младите од градот, за тоа кој се треба да членува во советот и кои да бидат неговите главни цели.
Велешката трибна е само дел од десетте јавни дискусии преку кои неколку младински организации сакаат да ги анимираат младите од целата земја. Собираат нивни коментари, забелешки и предлози за да го формираат Младинскиот национален совет и неговите приоритети.
„Крајно време е паролата дека младите се иднината да се преформулира во парола, младите се сегашноста. Од она што успеавме да го нотираме до сега мислам дека младите и не се толку неактивни и летаргични како што се преставувани насекаде. Можеби нашиот глас не се слуша насекаде, но од деосегашните трибини видовме дека се желни за акција, сакаат да направат нешто и да го оформат овој совет кој ќе биде мостот до иснтитуциите“, рече Дамјан Николовски, Црвен крст.
Во креирањето на советот младите планираат да ги вклучат и подмладоците од повеќе партии во земјава бидејќи велат имаат огромно членство кое е достоен репрезентативен примерок.
„На никој начин не може да ги исклучиме партиските подмладоци бидејќи имаат огромни членства со млади луѓе. Без разлика дали е политичка партија или НВО веруваме дека сите имаме исти интереси, а тоа е подоборување на младинската состојба. Важно ни е нивното вклучување бидејќи пак тие се најдобрата врска со партиите, владата и парламентот кои ќе ни бидат потребни за соработка“, вели Николовски.
До средината на мај младинските организации ќе посетат уште седум градови и младите кои живеат таму. На почетокот на јуни ќе се одржи основачкото собрание. Велат дека секоја организација што ќе ги исполни условите ќе може да биде дел од советот кој ќе работи на подобрување на животот на младите по институционален пат./Б.Н.