Растат цените на зеленчукот на пазарите!
Зелена салата по цена и од 40 денари за парче, зелка 30 денари, килограм моркови 60 денари, карставици и домати од 100 до 120 денари, се продаваа вчера на пазарот во Велес.
Ако тој досега важеше за еден од најевтините пазари во државата тоа повеќе не е така.
Зеленчукот поскапува бидејќи се намали родот по последните поплави што ги зафатија градините на велешани. Градинарите велат дека немаат големи количини на зеленчук кои можат да ги понудат за продажба.
Така се отвара простор за продажба на зеленчукот од увоз што е поскап од домашно произведениот. Ова особено се однесува на доматите.
Наспроти ваквата состојба намалена е куповната моќ на граѓаните. Вчера препродавачите на домати и краставици рекоа дека имале многу слаб промет на денот кога се славеше верскиот празник Прочка. Велешани избирале зелена салата, најчесто марула и роквици, наместо краставици и домати.
Доколку се случи извоз на домашни градинарски производи цените ќе бидат уште повисоки, рекоа препродавачите. Тие очекуваат зголемување на цените на доматите, краставиците, зелката и пиперките.
Состојбата е иста и на останатите пазари во државата по последните поплави во кои најмногу настрада струмичкиот регион, каде всушност се и најбројни насадите од раноградинарските култури во земјава. Трговците со земјоделски производи веќе размислуваат и на можен увоз на градинарски производи во сезоната.
Комисиите за утврдување на штетите на министерството за земјоделство соопштија дека биле поплавени околу 10 илјади хектари земјоделско земјиште, од кое околу 4 илјади се површини под житни култури, 600 хектари има под овошен и лозов насад, а 5 илјади хектари под градинарски култури. Проценетата штета е околу 1,5 милиони евра.
Владата одобри околу половина милион евра за помош на земјоделците кои претрпеа штети. Велешките градинари не се на списокот за нив ќе треба дополнително да се одлучува./Б.Н