Велешко семејство вечерва ги угасна светилките во својот дом!
Постојат граѓани кои се одзваа на повикот на велешкиот Црвен крст и вечерва во 20 часот ги исклучија светилките во своите домови за да и се приклучат на меѓународната иницијатива „Часот на планетата Земја“.
„Сосема ни е јасно која е целта на акцијата и сметаме дека одговорно треба да се однесуваме кон планетата. Посебно велешани кои во изминатите неколку години почувствувавме што значи чиста животна средина по три децениско труење со тешки метали. Сега треба да и дадеме поддршка на ваквата иницијатива организирана за спас на планетата од глобалното затоплување“, рече Димче.
„Затоа одлучивме 30-тина минути да ги угаснеме светилките во нашиот дом и да запалиме свеки. Мислам дека не само вечерва туку иницијативата треба да ја повторуваме повеќе пати во неделата“, рече сопругата на Димче, Ана.
Тие за светската иницијатива прочитале на интернет. Апелираа што поголем број на велешани да се приклучат на иницијативата.
Ана и Димче денеска исто така ги потсетиле и младите волонтери од клубот на млади на Црвен крст кои поставија штанд во центарот на градот и побараа поддршка од своите сограѓани, вечерва со почеток од 20.30 часот, да ги исклучат своите светилки и со палење свеќи да бидат дел од најголемото волонтерско здружување за заштита на животната средина.
„Во рамки на иницијативата, на 23. март осветлувањето ќе биде изгаснато на еден час во стотици места ширум светот. Ваквата акција има за цел да го привлече вниманието кон борбата против глобалното затоплување. Оваа година во акцијата ќе учествуваат повеќе од шест илјади градови од 134 држави, а е организирана од Светскиот фонд за природа,“ рече секретарот на општинската организација на Црвен Крст, Миле Маџаров./Е.Н.Ј