Татко уби син во велешко Горно Оризари!
Педесет и седум годишниот Мујо Црновршанин си го уби својот единствен син, триесет годишниот Сеад денеска во велешкото село Горно Оризари.
Убиството се случило во дворот, пред скалите за подрум во куќата. Потоа со ловџиска пушка во раката Мујо ги барал низ селото жена му, снаата и трите внучиња кога го ранил соседот Мехо Л (62) кој се обидел да го одврати од намерата. Соседите не го чуле истрелот со кој смртно бил погоден Сеад но виделе кога Мујо пукал во Мехо и кога трчал да ги бара своите најблиски. Никој не собрал храброст да излезе надвор но веднаш пријавиле во полиција. Кога стигнале полицајците Мујо се наоѓал на вториот кат во куќата.
Аматерски снимки покажуваат како полицајците, од заседа десет минути се обидуваат да го натераат Мујо да се предаде. Тој се симнал во дворот, им се приближил, го ставил пиштолот до главата и со него се убил.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=n7JMzLNOqa8{/youtube}Никој во селото денеска не можеше да поверува дека на семејството Црновршанин му се случи ваква трагедија. Таткото и синот важеле за мирни луѓе, кои имале градежна фирма и добар бизнис. Соседите рекоа дека никогаш немале проблеми но, во последно време им било чудно однесувањето на таткото. Го гледале како шета и сам си зборува. Но ништо не претскажувало дека ќе се случи ваква трагедија.
„Тие беа добри луѓе, добри соседи и верувајте никој не претпостави дека вакво нешто ќе се случи,“ рече сосед.
„Голема жалост за сите, поготово за семејството. Неможам да поверувам дека си го уби синот единец,“ рече сосед.
Додека истрагата траеше во дворот на Црновршанин сеуште лежеше мртвото тело на синот Сеад. Претходно ранетиот Мујо и соседот Мехо со брза помош биле префрлени во велешката болница.
„При прегледот кај пациентот Мехо Лепих беше констатирана отворена скршеница во пределот на лактот на левата рака. Санирани се повредите и тој е задржан на лекување. Надвор е од животна опасност. Додека Мујо Црновршанин беше донесен во коматозна состојба со повреда во пределот на слепоочницата. Тоа беше огнострелна рана од куршум кој бил испукан од левата кон десната страна на главата. Го реанимиравме, но по триесет минути почина,“ рече Прим. д-р Филип Тодоровски, супспецијалист трауматолог на хирушкото одделение во велешката болница.
Според полицискиот извештај, пиштолот марка Токарев, Црновршанин го поседувал со дозвола. Сега истрагата ќе треба да покаже зошто го употребил. Тоа се прашуваа и жителите на селото Горно Оризари кои скоро цело попладне беа на улицата пред семејната куќа на Црновршанин./Б.Н