Општината бара да го види ликот на кандидатите за волонтери кои ќе ги ангажира!
Фотографии во огласи не смеат да се бараат, децидни се од Комисијата за заштита од дискриминација.
Општина Велес бара десетина волонтери, но во огласот освен што кандидатите треба да исполнуваат неколку услови и испратат ЦВ бара од нив да достават и лична фотографија. Запрашан зошто изгледот на кандидатите е битен за општината портпаролот вели дека не е тенденциозно и е сторено по пример на претходни конкурси.
„Можеме да кажеме дека едноставно е искористена стандардна форма на испраќање ЦВ и воедно се извинуваме ако сме прекршиле некакви морални и етички норми, а во иднина ќе се придржуваме согласно насоките од надлежните институции и можеме да кажеме дека за конкурсот за волонтери кандидатите ќе бидат бирани врз основа на нивните лични знаења, компетенции и вештини“, рече Мартин Мајсторов, портпарол.
Но, општината деновиве бара и директори на неколку локални институции каде потреба од фотографија нема. За разлика од неа владата во последниот оглас за назначување на први луѓе на 80 државни институции сака да го види ликот на кандидатите па во конкурсот покрај другите услови бара да и се испрати и фотографија. За претседателот на комисијата за заштита од дискриминација ова е недозволиво.
„Без разлика дали се работи за државна институција или приватна фирма дискриминација е доколку се бара фотографија од кандидатот и сметам дека не смее да се појавуваат вакви огласи во огласувачките практики. Според законот изгледот не смее да биде битен за еден човек да добие некакво работно место без разлика на која позиција е, освен на некои многу специфични места каде понекогаш одредени физички недостатоци се пресудни за да се извршува работата“, рече Душко Миновски, претседател на Комисија за заштита од дискриминација.
Инаку агенцијата во резултатите од истражувањето кое го обелодени пред една недела утврди дека во огласите кои секојдневно се наоѓаат по дневните весници можат да се најдат конкурси со дискриминација по најразлични основи, пол, возраст, етничка припадност и физички предиспозиции. И граѓаните се сведоци на таквите огласи.
„Многу често гледам такви огласи, но не се согласувам да се бара фотографија бидејќи се знае што е пресудно за да се работи една работа, квалитетот на човекот и неговото образование.
Изгледот воопшто не е битен, но кај нас работите така се поставени и се знае како се бираат оние кои се вработуваат. Како може и возраста и полот да се битни, што да прават да речеме оние кои надминуваат 45 години.
Мене не ми е многу важно дали во огласот ќе се бара фотографија од мене, но сепак мислам дека не би требало да биде услов за вработување“, велат дел од анкетираните велешани.
Од комисијата апелираат секој кој ќе се почувствува дискриминиран да пријави, а по законот за заштита од дискриминација следат и санкции за работодавачите кои не го почитуваат./Б.Н.
