Повеќе не се закачуваат некролози на Јаворот во центарот на градот
Објавено: 9 август, 2013, во 13:58 часот
Споменикот на култура е заштитен од понатамошно уништување. Јавното комунално претпријатие „Дервен“ постави огласни табли. Граѓаните на нив ги закачуваат некролозите наместо на дрвото. На овој начин директно придонесуваат во заштитата на животната средина и го менуваат ликот на градот. Постапката ја одобрија повеќе граѓани.
– За жал одамна немаме радио за да слушнеме кој се родил во Велес но имаме навика да поминеме покрај Јаворот за да прочитаме кој починал. Знам дека тоа што некролозите се закачуваа на дрвото не беше добро. Вака е подобро, свеста на граѓаните мора да се менува а ние знаеме дека се што е подобро треба да применуваме во овој напатен град кога е во прашање чистата животна средина, рече седумдесетгодишниот Петре.
– Од ова место, под Јаворот, секој ден заминувам на работа. Тука се чекаме со колешките. Нормално е да прочитаме кој починал. Но ова што деновиве го гледаме е за поздравување бидејќи за овие два Јавори мораме да се грижиме, тие се главното обележје на нашиот град, рече велешанката Стефанка.
– Не го одобрив сечењето на гранките на овој и на Јаворот над фонтана. Мислам дека многу ги изделкаа двата Јавори, сенките ги нема ама за ова што го направиле од Дервен секоја чест, рече велешанецот Златко.

Дума.мк пред неполни два месеци пишуваше за оваа навика на граѓаните да закачуваат некролози на Јаворот и на дрвјата во дрворедите на главните улици. Тогаш екологистите побараа од општината да ги заштити дрвјата и да постави табли кои ќе служат за закачување на некролози.
Јавното комунално претпријатие го направи првиот чекор. Поставена е првата огласна табла за некролози под Јаворот. Сега, за истата намена, би требало да се одредат уште неколку локации во градот. Исто така и граѓаните ќе треба да ја сменат навиката со која закачувајќи ги некролозите со метални пулии ја уништува кората на дрвјата. Така ќе допринесат за заштитата на дрвјата и за разубавување на глетката низ улиците во градот./Б.Н

