Хаџи Ристова: Го поминав кулоарот на смртта без да знам!
Објавено: 10 август, 2013, во 08:17 часот
Полна со впечатоци од пријатните и непријатните искуства кои ги помина на патот до еден од највисоките врови во Европа, Монт Блан, дома пристигна велешанката Марија Хаџи – Ристова. Таа со уште четворица планинари од Скопје беше дел од експедицијата која на 31 јули,годинава го постигна големиот успех. Осумнаесет часа траела борбата со планината која заврши со голема радост за петтемина македонски планинари.
– Искачувањето на секој врв за мене преставува посебно задоволство и уникатно доживување, но својувањето на врвовите на Алпите е нешто величествено, тие изобилуваат со посебна грандиозност, масивност и живост. Деновите кои претходеа на нашето искачување беа со лошо време, паѓаше нов снег, имаше многу ветер и магла, непогодни за било каков обид за искачување. На 30 јули кога од градчето Шамони се упативме кон домот Тетрус (3167мнв) бевме уверени дека ќе имаме добро време во наредните 3 дена и навистина Монт Блан ни ги отвори своите порти за да го достигнеме. За 31 јули нашата цел беше да се искачиме од Тетрус (3167мнв) до врв 4810 мнв и да се спуштиме до крајот на денот повторно на 3167 мнв. Овој план беше доста амбизциозен земајќи го во предвид фактот што најголем дел од групите оваа рута ја реализираат во два дена со преноќување на Дегуте на 3835 мнв, рече Хаџи Ристова.

Сепак освојувањето на Монт Блан започнало во три часот наутро кога се упатиле кон целта. Марија раскажува дека уште веднаш нивното патување до врвот започнало со незгода.
-Искачувањето на камењарот започна по марфиовиот закон. Мојата челна ламба одненадеш престана да работи, а на мојот пријател Дамир падна во провалијата на кулуарот во моментот кога сакаше да ми ја позајми својата. Пет души со 3 челни ламби едвај се движевме во ноќта бидејќи видливоста беше едвај на ниво од 20%. Немав јасна слика за околината околу мене, по поминувањето на еден стрмен предел со камења и извор на вода и не знаев дека сум го поминала кулуарот на смртта. После неколку минути од поминувањето на овој дел само ги запрашав моите другари од групата : ”a кога доаѓа кулуарот? “. Сите гласно се изнасмеаа и продолживме поматаму, раскажува Хаџи Ристова.
Сепак искачувањето продолжило полесно преку ден, но исто така со проблеми кои се појавиле на поголема надморска височина како што се болки во зглобовите, главоболка, гадење повраќање, омалаксаност поради реткиот кислород. Марија вели дека сепак во моментите на премореност и изгледало дека е во недоглед нејзината цел која изгледала толку далечна и недостижна, но постојано се обидувала да го усогласи ритамот на дишењето. Сепак оптимизмот и се враќал и на пладне по деветчасовно непрекинато движење стигнале на целта.
– Беше прекрасен сончев ден,гледката магично величествена и живописна, а ние на највисоката точка на Алпите радосно си честитавме за реализираната цел. Другите алпски врвови како покорно да ни се поклонуваа оддавајќи ни најголемо признание. Во тој момент ние бевме највисоките, најнедостижните и најрадосните луѓе на грациозниот масив на Алпите, рече Хаџи Ристова.

Според неа освојувањето на врвот е можеби само една третина од напорот кој го вложувале за едно искачување, а спуштањето е многу понапорно, бара огромна концентрација и трезвеност па мало невнимание и грешка може да има со трагични последици. За среќа и покрај големата исцрпеност и болката во повредениот зглоб со помош на нејзиниот пријател Александар Кирковски кој во последните 3 часа од симнувањето по карпестиот замрзнат предел и кулуарот и пружал огромна помош Марија се спуштила до кампот. Вели дека без огромната поддршка од семјеството, пријателите и колегите, а особено од нејзиниот брат немало да го постигне овој успех.
– После секој освоен врв, желбата за предизвик и освојување на уште поголеми и понедостижни врвови расте. Искрено се надевам дека искачувањето на Монт Блан нема да е последно големо искачување. По санирањето на повредите на мојот скочен зглоб за кои верувам дека ќе има решение во догледно време, ќе се подготвам и стремам за освојување на уште повисоки врвови како Елбрус и други повисоки врвови на другите континенти, рече Хаџи Ристова/Б.Н.
