Уште девет дена за поднесување на земјоделски барања за субвенции

Објавено на 22 мај, 2014 во 12:25

Се ближи крајниот рок за поднесување на барања за субвенции од страна на земјоделците. Од подрачната единица на министерството за земјоделство денеска со апел да конкурираат сите кои имаат земјоделски стопанства. Барањата ќе се примаат само уште во наредните девет дена. Тогаш, на 31 мај, завршува рокот, рече Ангел Димов од ПЕ на МЗШВ Велес.

„Стриктното почитување на рокот на поднесување барање за финансиска поддршка, треба да овозможи навремено спроведување на сите потребни постапки за обработка на барањата и исплата на средствата согласно предвидениот распоред во текот на годината кој е усогласен со типот на земјоделското производство. Барањето се поднесува по електронски пат без доставување документи, а врз основа на претходно евидентирани податоци во Единствениот регистер на земјоделски стопанства и Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни,“рече Димов.

Одгледувачите на говеда, овци, кози и пчели пред поднесувањето на барањето треба задолжително да ја проверат и по потреба да ја ажурираат состојбата на животните во ветеринарно друштво со кое имаат склучено договор.

Информациите од ПЕ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Велес, говорат дека годишно кај нив се се поднесуваат околу 4000 земјоделски барања за субвенции.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.