(ФОТО) Со штипски трубачи матурантите се збогуваа од Гимназијата

Објавено на 22 мај, 2014 во 13:07

Звуци од труби и тапан денеска одекнуваа од дворот на велешката Гимназија. Се пееја песните „Македонско девојче“, „По друм одам мајче“и се играше оро. По синоќешната матурска вечер во мотел на велешко езеро, забавата во ноќен клуб, испиеното утринско кафе и дружбата во кафетерија оваа генерација на млади луѓе, голем дел од нив штотуку полнолетни граѓани, одлучија токму во дворот на средното училиште да завршат со прославата.

Нивните песни и пеење заедно со звуците од музичките плех инструменти се разлеваа низ главната улица „Благој Ѓорев“. Оддалеку се слушаше и пеење. Девојките матуранки сеуште на себе ги носеа мини свечените фустани и долгите црни тоалети. Од нивните нозе не беа соблечени свечените чевли со високи потпетици. Момчињата на себе ги имаа вечерните костуми со лептир машни или комбинираните панталони со палта. Сите играа и пееја додека трубачите ги свиреа познатите чочеци.

„Ме болат нозете, но издржав. Не е лесно на високи потпетици. Имавме убава вечер и многу се забавувавме. Потоа традиционално сите заминавме во нокниот клуб и таму останавме се додека кафетериите не отворија. Ова е нашата последна средба како средношколци. Од утре ќе се собираме само на генерациски средби,“ рече Елена.

„Ние ги повикавме трубачите и со нив завршуваме во дворот на училиштето во кое учевме четири години. Мене лично ме врзуваат убави спомени за ова училиште.,“ рече Александар.

„Сега од овој двор ќе си заминеме, за последен пат, како ученици. Се надевам дека тука сите заедно ќе се собереме на прославата за десетгодишнина од матура,“ рече Марија.

Матурантите ги примаа честитките од помладите ученици во училиштето.

Во дворот стоеше и нивниот директор, ги набљудуваше и се насмевнуваше. На тротоарите на улицата ги чекаа пријателите и познаниците./Д.С


Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.