Семејството на несреќната Џева Асанова, која жива изгоре во пожар, доби парична помош од општината
Со четириесет илјади денари, општина Велес му помогна на семејството Асанови, чија куќа изгоре до темел во пожарот пред дванаесет дена. Триесет илјади денари се од буџетот на општината додека десет илјади од градоначалникот. Несреќните Асанови освен домот во пожарот ја загубија и мајката осносно сопругата Џева. Таа беше неподвижна па не можеше да се спаси од пламените јазици и жива изгоре заедно со покуќнината. Таткото и синот кои работеа како надничари и во кобниот момент не биле дома, сега престојуваат кај соседите, но велат вака не можат во иднина, бидејќи не сакаат да бидат товар никому.
„Ги молиме граѓаните, општината, кој колку може да ни донира за да можеме да изградиме барем една соба во која ќе се сместиме јас и мојот татко, оти не можеме цел живот да живееме кај соседи, рече Ердоган Асанов.
По трагедијата, соседите на Асанови со уште еден апел до надлежните, што поскоро да им го направат патот за да може како што велат, поврзо и поедноставнпо да стигнува Брзата помош и противпожарното возило.
„Немаме пат до кај нас, затоа ги замолуваме градоначалникот и власта да ни направат пат. Вака не бива, додека стигне брзата помош отиде човекот, еве куќата изгпоре до темел, оти гасевме со кофи, пожарникарите возилото го оставија дури доле,“ рече сосед.
Пожарот кој им однесе се што Асанови имале се случи на четиринаесети месецов. И покрај брзата реакција на соседите и противпожарната екипа, Асанови не успеаја да го спасат домот, ниту мајката. Најверојатно причина за пожарот што до темел ја пеплоса малата куќарка на периферниот дел од градот била старата електрична инсталација./Д.С
