Ѓоре Петровски не се појави во судница и повторно се одложи случајот „Ореше“
Еден од сведоците, во меѓувреме починал и затоа не дојде, додека останатите седуммина беа присутни во судницата на велешкиот суд. Дојде и обвинителката. Таму беше и Ацо Милошевски, син на убиениот старец. На обвинителната клупа седнаа и второобвинетите Љупчо и Ордан Ѓоргиевски, кои се товарат за извршување на убиството на седумдесет и четиригодишниот Лазар Милошевски, заедно со бранителот Ѕвонко Давидовиќ како и бранителот Коста Нојков на првообвинетиот Ѓоре Петровски.
Затоа што токму тој, Петровски, не се појави во 10 часот на уредно закажаниот главен претрес, судијката Тања Милевска одлучи да го одложи и презакаже главниот претрес за 10 јули, годинава.
Милевска одлучи од министерството за правда да побара писмена потврда за смртта сведокот Темелко Петровски а од министерството за внатрешни работи писмен одговор за променетата адреса на сведокот Тане Димовски кој се одселил од селото Орешево Скопје.
На денешниот одложен претрес на контаверзниот случај „Ореше“, кој се суди веќе осма година, требаше повторно да бидат сослушани сведоците. Претходно, во два наврати на повтореното судење, беа сослушани обвинетите и оштетениот син на убиениот старец./Д.С
