Поради висока цена, станарите во државните станови во населба Тунел, не можат да ги купат становите
На голема мака се станарите на социјалните, за самохрани родители и згради за млади брачни парови во Велес, откако ги добиле решенијата за откуп на становите. Во нив стои дека метар квадратен чини од 530 до 600 евра. Станарите се жалат дека цената е превисока и неприфатлива. Тврдат дека пресметката е направена за станови во прва зона, додека нивните влезови се на трета зона.
„Пресметката е направена за главната улица Благој Ѓорев, а нас сметките ни доаѓаат на улица Живко Фирфов, на таа улица и ни се влезовите. Не водат како да сме од прва категорија а ние сме во трета,“ рече сопственикот на стан Димко Наумовски.
Станарите во овој комплекс се обратиле до надлежното акционерско друштво за стопанисување со стамбен и деловен простор. Но од таму не добиле објаснување туку им било кажано ако не ги исплатат заостанатите кирии, да ги напуштат становите. Сега тие револтирани бараат средба со министерот за транспорт и врски. Бараат поволни услови за откуп на становите.
„Нашите барања се становите да бидат на откуп од 30 до 40 години, месечната рата да биде од 200 до 250 евра, станарината да ни влезе во откупот на становите и без 30 посто учество како што ни бараат во решението, рече Наумовски.
Кога пред седум години се вселија, овие луѓе, не ни помислиле дека ќе ги снајде вакво нешто. Велат дека не можат да ги платат кириите а камоли да го откупат станот.
„Зошто овие документи не ги дадоа пред изборите па ние власта малку да ја симневме доле и слушам министерот Миле Јанакиевски вика ќе направиме едно добро, луѓето ќе можат да си ги купат становите, како не им е срам, толкав безобразлук, луѓето не можат кириите да си ги платат а не да ги купат,“ рече Кире Димитриевски.
„Немаме од каде да ги подмириме долговите, а ни ветија дека ќе ни ги подмират долговите, од каде да ги платам. Немам за кирија а не да го откупам станот. Јас не можам, а не можат да го откупат многу станари од зградиве. Не излегувам од него, што сака нека биде,“ рече Данка Миланова.
Раководителот на Акционерското друштво за стопанисување со стамбен и деловен простор во Велес е на годишен одмор. Така не известија во просториите на друштвото и затоа не можеа да ни дадат став за обвинувањата на станарите од комплексот станови во населбата Тунел.
Инаку во трите социјални згради живеат 144 семејства со ниски примања, самохрани родители и млади брачни парови. Ако надлежните не ги прифатат нивните барања, тие најавија дека ќе преземат радикални мерки./Д.С
