Продолжува труењето на домашните миленици на граѓаните во центарот на Велес
Четиримесечната Миси од расата сибирски самојед синоќа не го преживеа отровот кој најверојатно го изела додека неколку минути била пуштена во дворот на семејната куќа на нејзините сопственици. Кученцето истрчало на улицата „Благој Нечев“ , копнало во земјата под паркираниот трактор и веднаш почнало брзо да трча. Миси помош побарала кај штотуку стекнатата пријателка Кара, куче од видот вучјак, кое пред два дена едвај го преживеа труењето со опасниот отров.
Дури таму Миси ја нашле нејзините сопственици и започнале да ја спасуваат. Не успеале бидејки бела слуз излегувала од нејзината уста а таа беспомошно ги гледала само триесеттина секунди. Потоа ги затворила очите и починала.
Сега целото соседство на Миси е во паника и живеат во страв дека мамки со отров има фрлено насекаде во населбата Дворови. Особено страв владее кај семејствата кои имаат мали деца кои играат на маалата. Тие бараат помош од Ветеринарната станица и очекуваат општината да им помогне со тоа што ќе испрати луѓе кои ќе го пребараат теренот на кој има фрлено отров.
„Тука играат моите две деца. Јас ги советувам дека не треба ништо да факаат но кога играат фудбал топката ја шутираат по зеленилото и тревата па ја бараат и ја факаат. Што може да се случи ако со рацете допрат мамка а потоа ја бришат потта од себе или прстите ги стават во уста, праша Габи.
„Јас мислам дека знам како изгледаат отровните мамки и се обидов да го пребарам овој дел од маалото поради тоа што тука играат мојот и синовите на брат ми. Најверојатно незнам како изгледа тој отровен мамец бидејки еве кучето на соседите се пикнало под тракторот и веднаш се отруло. Тракторот е паркиран на два метри од мојата куќа. Под итно бараме општината да прати луѓе и да се пребара теренот,“ рече Ристе .
„ Миси не излегуваше надвор сама. Вчера само неколку секунди истрча и ми ја отруја. Многу ја сакав. Што им сметаше навистина незнам кога беше постојано дома. Ова е сериозна работа низ улиците има многу отровни мамки,“ низ солзи рече Марија.
Вечерва жителите на овој дел од центарот на градот ќе собираат потписи и барањето утре ќе го проследат до општинската администрација. Додека не се пребара теренот на децата ќе им забранат да играат на маалото.
Пред две недели, ноќта во сабота спроти недела, трујач фрлил отровни мамки од кои по улиците во овој дел на Велес умреа педесеттина мачки и три кучиња. Од здружението за заштита на животни едвај успеаја да спасат неколку животни. Но одтогаш до денеска сликата постојано се повторува. Секојдневно се случува да се трујат домашни миленичиња од познати раси за кои сопствениците имаат уредни документи./Д.С
