Минувањето на еден воз низ Велес, денеска, создаде колона од Стар мост до плоштад Сармаале

Објавено на 13 јуни, 2014 во 12:45

Возот кој помина  низ Велес, по железничката пруга од  Гевгелија кон Скопје, околу 10 часот, денеска го блокираше сообраќајот во градот. Главната сообраќајница вриеше од автомобили наредени во долга колона. Пред  основниот суд стотици автомобили се обидуваа што побрзо да го минат центарот на Велес.  Возилата беа наредени во две колони а повештите возачи се обидуваа да претекнуваат возејки преку тротоарите. Но и таму имаше паркирани возила како и на една лента покрај тротоарите.

Денеска во Велес е пазарен ден а тоа значи дека во градот се создава невидена сообраќајна гужва. Топлото време и сонцето дополнително создаде нервоза. Од едната на другата страна во градот, преку реката Вардар, сега се мине само по Стар мост бидејќи мостот Гемиџии се реконструира.

„Не можам да стигнам пола час од Нова населба до централниот градски пазар. Хаос е ова. Погледнете од плоштад Сармаале па се до Нов мост има редици со возила. Уште колку време ке биде ова вака. Зарем мораат рампите да ги спуштаат пред десеттина минути пред да дојде воз,“ рече возач.

„Сега не се трпи ами како ќе биде во јули, во август? Ке исцркаме на жештината додека ќе чекаме во возилата. Нешто треба да се превземе. Вака не може цело лето да стоиме по улициве кога на пругата дневно минат по седум или девет воза. За секој од нив чекање за да дојде по десет минути и уште по толку време за да излеземе од сообракајниот хаос па значи ние дневно ќе губиме по неколку часа време на улица, рече велешанка.

„Вака е скоро пред секое доаѓање на воз. Многу ми реагираат патниците а некои дури и пред истекувањето на релацијата знаат да платат и да излезат од возилото изнервирани од времето кое мора да го преседат за да се расчисти гужвата на коловозот,“ рече возач на такси компанија.

Велешани сметаат дека треба да се воведе поинаков режим на сообраќај и градската власт да разговара со менаџерите на Македонски железници за спуштање на рампите на Стар мост пред само неколку минути од доаѓањето на возовите.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.