Велешани за поплавите во Србија и БиХ испратија хуманитарна помош вредна над половина милион денари

Објавено на 9 јули, 2014 во 14:17

Велешани масовно, без двоумење, самостојно изразиja желба да помогнат на настраданите во поплавите во Србија и Босна и Херцеговина и со тоа уште еднаш покажаа  дека хуманоста е најголемата човечка доблест. Во големата хуманитарна акција на Црвениот крст, општината, Фондацијата „Фокус“ и младинските активисти собрани се вкупно  11 500 литри вода, 700 кг храна, 560 кг хигиенски средства, 55 кг бебешка храна, 185 литри млеко, 38 пакувања памперси за деца. Исто така  и 2 300 кг облека, 170 пара обувки, кебиња, јамболии и други производи.

 

Велешани истотака донирале и парични прилози  на телефонските броеви за помош на настраданите граѓани во двете држави додека институции и фирми самоиницијативно и организирано помошта ја носеле до собирните пунктови во Скопје.

„Би сакал да истакнам, а тоа ме прави особено горд што сум велешанец, дека покрај акцијата на целокупното раководство на велешката ОО на Црвен Крст, на градоначалникот Чадиев, дел од општинската администрација на терен беа вклучени и 35 членови на Клубот на млади од Велес, членови на фондацијата „Фокус“, 21 претставник од јавните претпријатија и локалните установи кои имаа вкупно 183 ангажмани во кои се потрошени вкупно 978 часови волонтерска работа. Особена благодарност до ДТПУ „Жито“, градежното претпријатие „Делта Пром“, ЈП „Парк Спорт“ и други приватни фирми кои помогнаа при транспортирањето и собирањето на донираната помош“, рече на денешната прес конференција претседателот на Црвениот крст на Македонија,  д-р Милчо Трајков.

Вкупната вредност на помошта која велешани ја испратија во Србија и Босна и Херцеговина изнесува  577 илјади и  750 денари. Градоначалникот Славчо Чадиев задоволен од одзивот на граѓаните и од соработката на општината со Црвен крст.

„Имаме потпишано меморандум за соработка со Црвениот Крст и веќе успешно реализираме неколку проекти од областа на социјалната помош и грижата за стари лица. Во наредниот период ќе ја прошириме успешната соработка и се надеваме дека ќе ги следиме успешно сите активности кои ќе произлезат од секојдневното живеење. Благодарност до сите чинители што придонесоа денес гордо да зборуваме за овие немили настани што ги погодија нашите најблиски соседи“, рече  Чадиев.

Граѓаните се одзваа на првиот повик од Црвениот крст а доброволни прилози и материјални добра собираа и по официјалното завршување на повикот. Акцијата имаше неверојатно голем интерес./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.