Гимназијата и средното хемиско, од сопствени сретства, бојадисаа и уредија училници и хол во заедничкиот објект
Седумте училници на приземјето на објектот во кои учат гимназијалците е реновиран заедно со ходникот кој ги поврзува. Поправени и варосани се ѕидовите и префарбан е делот на кој имаше стара мрсна боја. И старите влезни врати добиле нов изглед со тоа што се префарбани и освежени. Се ова во изминатиот месец сами сработиле вработените во гимназијата „Кочо Рацин“ и хемиското училиште „Димитрија Чуповски“. Двете училишта издвоиле потребна сума пари од сопствените приходи.
„ Затоа што двете училишта наставата ја одржуваат во заедничкиот објект одлучивме да поставиме мрежа на ѕидовите, да бојадисаме и да и да им дадеме нов лик на училниците и ходникот. Двете училишта од сопствени сретства издвоивме нешто над 200 илјади денари и инвестиравме во внатрешноста на објектот бидејки тоа одамна не е сторено,“ рече директорот на средното хемиско училиште Горан Јанков.
Годинава приземјето а секоја наредна година по еден кат од заедничкиот објект ќе белат, фарбаат и уредуваат сами двете училишта. Тоа ќе го прават откако подготвиле интерен акциски план.
„За четири години планираме да ги поправиме, бојадисаме и уредиме сите катови во двете крила на заедничкиот објект. Значи сите училници и сите холови. Ќе работиме претежно за време на летниот распуст но и во зимскиот доколку дозволат условите. Сега очекуваме да добиеме информации што ќе се случи со замената на подовите во училниците во другиот крак, кои припаѓаат на хемиското училиште. Сакаме да ги подобриме условите во кои се одржува настава за учениците во двете училишта,“ рече директорот на гимназијата Сашко Андреевски.
Двајцата директори велат дека за оваа акција ги поттикнала дотраеноста на внатрешниот дел на двете крила на заедничкиот објект, изграден пред скоро пет децении. Годинава, со сретства од државата, зградата што ја делат гимназијата и средното хемиско училиште, доби нова фасада и нов покрив откако беа заменети сите прозорци, во училниците и холовите.
