Бојкот на наставата во селското училиште во Сливник
За деведесет ученици од велешкото село Сливник денеска не започна новата учебна година. Дваесет првачиња нема за прв пат да седнат на школските клупи. Нините родители ја бојкотираат наставата, бидејќи како што велат нема соодветни и нормални услови за настава. Тие не го прифатиле ниту предлогот на директорката, наставата да се одвива во три смени и во комбинирани паралелки. Тие бараат нови училници и нормални услови за одржување на наставата.
„Не ги пуштаме децата на училиште, не сакаме нашите деца да учат во комбинирани паралелки. Утре ќе имаме средба со градоначалникот Чадиев, а бараме одгоор за проблемот и од министерството за образование, рече Џафер Јонуз, претседател на совет на родители.
Училиштето има реален проблем со просторот и родителите на овие деца се во право тврди градоначалникот Славчо Чадиев. Од министерството за образование добил известување дека доградбата на училиштето ќе била ставена во буџетот за наредната година.
„Уште еднаш ќе разговараме со министерот, општината ќе види, ќе ја анализира состојбата и доколку е во можност ќе направиме барем уште една училница, рече Чадиев.
Бојкот на наставата беше најавен и минатата година, но по реакциите на родителите надлежните ги реновираа тоалетите, но не и училиштето. Годинава родителите ќе одат до крај или ново училиште или нема настава./ Д.С
