Екстрадиран велешанец инволвиран во недозволена трговија со дрога
Полицијата го фати велешанецот кој со години бил на чело на организирана криминална група која се занимавала со недозволена трговија со дрога. Четириесет и три годишниот Павле. М. вчера беше екстрадиран во Македонија. По него во јуни годинава беше распишана меѓународна потерница и од слобода беше лишен во Грција.
Пред две години Павле го организирал транспортот на хероинот од Македонија до земјите од западна Европа. Крајната дестинација на хероинот била Шпанија, но не стигнал до таму. Одделот за сузбивање на организиран криминал во борбата против недозволената трговија со дрога, ја разби меѓународната криминална група во чиј состав бил и велешанецот. Тогаш на преминот Богородица заплени околу 2,5 килограми хероин, а осумчлената група заработи кривични пријави. Како организатор на транспортот на Павле во отсуство му беше изречена и казна затвор во траење од 10 години, за сторено кривично дело недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори.
Павле во меѓувреме избегал од Македонија и живеел во градот Петрич, во Бугарија. Таму се стекнал со бугарско државјанство и продолжил со недозволена трговија со дрога. По него беше распишана и меѓународна потерница. Лани оделот за сузбивање на организиран криминал разби уште една криминална група чии членови оперирале на териториите на Македонија, Албанија и Бугарија. Биле инволвирани во организирање на транспорт на марихуана, кокаин и хероин. Тие го идентификувале Павле како член на истата група.
Со недозволена трговија со дрога велешанецот се занимавал од поодамна. Во 2009 година бил осуден на казна затвор од 4,5 години./Д.С
