Во училиштето во Сливник сеуште не е започната новата школска година

Објавено на 10 септември, 2014 во 12:40

Учениците веќе добро ги загреаја училишните столчиња и клупи, но не и децата од велешкото село Сливник. И по седум дена од стартот на школската година тие се уште седат дома. Не посетуваат настава бидејќи нивните родители ја бојкотираат. Неуспешни беа преговорите меѓу нив и директорката на училиштето која им предложи наставата да се одвива во три смени и во комбинирани паралелки. Тие минатата недела не го прифатија ниту предлогот на општината и градоначалникот Славчо Чадиев, да се изгради барем уште една училница.

„Од министерството за образование добивме известување дека доградбата на училиштето ќе биде ставена во буџетот за наредната година. Ние уште еднаш ќе разговараме со министерот, општината ќе види, ќе ја анализира состојбата и доколку е во можност ќе направиме барем уште една училница,“ рече Чадиев .

Родителите на децата од Сливник ќе одат до крај, или нова училишна зграда или настава нема да има. Свесни се за последиците од бојкотот на наставата, но велат дека додека не се огласи министерството на нивното барање, нема да попуштат. Освен нова зграда, бараат да им се изгради и спортска сала за што велат дека на тој начин нивните деца ќе имаат нормални услови за следење на наставата.

„Знаеме дека најмногу нашите деца ќе страдаат, бидејќи ќе испуштат многу од наставата, но не попуштаме. Тоа што го бараме е сосема оправдано, така ќе има услови нашите деца до осмо одделение да учат тука, во селото а ќе нема трошоци ни за превоз до Бузалково и назад,“ рече претседателот на Совет на родители,Џафер Јонуз.

Досега неуспешни биле обидите на родителите да стапат во контакт со ресорното министерство. Дури деведесет ученици требаше да ја почнат новата школска година во Сливник. До минатата тие учеа во старата училишна зграда со само една училница. Најавениот бојкот лани не се случи, бидејќи надлежните успеаја да ги реновираат само тоалетите./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.